Туристичкиот сектор бара финансиска помош за опстанок и ликвидност на компаниите, како и исплата на ветената поддршка за февруарските плати.
Според секторот, и по една година падот на прометот во туристичките агенции е 90 проценти, туристичките водичи седат дома, автобусите на превозниците се паркирани, а хотелите зјаат празни.
Со затворањето на границите, заострувањето на мерките и немањето вакцини, секторот стравува од неможноста за работа и оваа летна сезона.
-Туристичкиот сектор бара исплата на платите ветени за месец февруари, а се уште не поминати на Собрание, веднаш. Помошта со исплата на плати да продолжи до моментот до кога ќе биде потребна. Ако не се добие помошта, сите чинители во оваа дејност ќе почнат со работа во други дејности и потоа ќе бидат потребни години за повторно да се врати оваа гранка во живот. Веќе многу туристички работници, водичи, вработени во хотели и во туристички агенции почнуваат да работат на други позиции, а прашање е дали после пет години ќе се вратат со истиот ентузијазам и квалитет во туризмот, се наведува во соопштението од туристичките работници.
Како што се додава, дали ќе се затворат туристичките агенции зависи од слухот на државните институции за континуирана помош.