Западен Балкан да се најде на дневниот ред на министерскиот совет за надворешни работи на ЕУ предвиден на 19 април. Подготвеност за ова изрази Жосеп Борел, високиот претставник за надворешна политика на ЕУ.
По писмото испратено до него на 5 март од девет земји членки на Унијата, со барање на следниот министерски совет за надворешни работи на ЕУ во април регионот да се врати на дневниот ред на разговорите, од неговиот кабинет вчера потврдија дека Борел го дели ставот на овие девет земји членки.
– ЕУ и Западниот Балкан се приоритет за Европската Унија, ЕУ е главниот политички, економски и трговски партнер на регионот, чија иднина јасно се наоѓа во ЕУ. Високиот претставник го дели ставот изразен во писмото на министрите за надворешни работи по ова прашање, стои во одговорот на кабинетот на Борел за МИА.
Оттаму додаваат дека шефот на дипломатијата е подготвен за разговори со земјите членки на ЕУ на тема Западен Балкан.
Априлскиот министерски совет за надворешни работи на ЕУ е предвиден на 19 април, што ќе биде и после изборите во Бугарија, отворајќи можност регионот да се врати во фокусот на ЕУ.
Австрија, Хрватска, Чешка, Германија, Грција, Ирска, Романија, Словачка и Словенија, на 5 март преку писмо побараа од шефот на дипломатијата на ЕУ да се врати Западниот Балкан на агендата на Унијата во април откако во декември лани беа блокирани заклучоците поради спорот меѓу Скопје и Софија, јави дописничката на МИА од Брисел.
Во декември првпат во историјата ЕУ ја заврши годината без никакви заклучоци за Западен Балкан, поради неможноста да се изнајде компромис со Бугарија околу речникот поврзан за „толкувањето на историјата“. Од декември до денеска Западен Балкан е целосно отсутен од дискусиите во Брисел.
Министерот за надворешни работи Бујар Османи, вчера изјави дека решавањето на спорните прашања со соседна Бугарија не се издигнати како услов на Европската унија за отпочнување на преговори за членство. Според него, инсистирањето на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји ова прашање да се реши побрзо доаѓа поради фактот што, како што рече, сите одлуки во Унијата се носат со консензус и оти се додека нема согласност од Бугарија процесот на преговори не може да почне.
– Политиките за проширување во Европскиот совет се носат со консензус и доколку нема согласност на една од 27-те земји членки процесот не може да се движи напред. Така што, се додека Република Бугарија не даде согласност за усвојување на преговарачката рамка и одржување на меѓувладината конференција, тоа значи дека нема консензус и не може да се движи напред. Претпоставувам дека во тој контекст е поставено прашањето со Бугарија, не како услов на ЕУ, бидејќи 26 земји членки беа за текстот на преговарачката рамка изминативе месеци и за почнување преговори во декември, единствено против беше Република Бугарија, рече Османи, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој вели дека засега нема ништо ново во однос на разговорите со Бугарија, а нашиот фокус, во моментов е на работите од Договорот со Бугарија за кои имаме помалку разлики, бидејќи, како што рече, јасно е дека политиката во Софија е фокусирана на нивните внатрешни прашања и изборите кои наскоро ќе се одржат. Но, потенцира министерот за надворешни работи, добро е во текот на овој период да се искористат деновите да се искомуницираат институциите што се однесува до секторските политики .
Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, пред три дена на Тиранскиот форум изјави дека земјава задржа стабилен чекор во имплементацијата на ЕУ реформите, посебно во делот на фундаменталните услови, но дека е „важно брзо да се изнајде заеднички прифатливо решение за билатералните прашања помеѓу Северна Македонија и Бугарија“.