Македонската Православна Заедница од Австралија ги осудува нападите од „верниците“ вез општина Центар. На својата Фејбук страна има напишано дека МПЦ треба да биде надпартиска институција на македонскиот православен народ.
Поддршка за сите кои сакаат МПЦ да биде надпартиска, невладина институција на Македонскиот православен народ!
Поддршка за вистинските ВМРО-вци, кои не сакаат ВМРО-ДПМНЕ да биде уличарска банда за материјалистички пресметки.
Ако уличните „ВМРО-вци” се навистина мотивирани од љубов кон Македонската православна црква, ќе направеа човечки ѕид околу црквата на калето и ќе се бореа за нејзина итна доизградба, наместо да го уништуваат имотот на општина Центар, напишаа од Македонската Православна Заедница од Австралија.
Тие му даваат поддршка на ставот на владиката Пимен, кој беше единствен што се дистанцираше од насилството и кој посочи дека во групата што ја демолираше општината не може да препознае верници.
За каква пристрасност зборувате? Ако мислите на пристрасност против насилството и хулиганското уништување на јавен имот за било чии партиски цели, точно е дека сме пристрасни и ќе останеме пристрасни. Кога тоа би се случувало во Австралија, секој лидер на секоја кредибилна партија или религија би го осудил со иста доза на пристрасност.
Инаку, нашата организација го почитува правото на секој човек или група на луѓе да одржуваат мирни протестни собири за да привлечат јавно внимание кон својата кауза. И ние ги поддржавме протестите во одбрана на изградбата на црквата Св Константин и Елена кога мислевме дека новиот градоначалник навистина има намера да ја кочи. Но не можеме да не го осудиме вандализмот на некои од протестантите, кои очигледно забегале од христијанските вредности, и не можеме да не ги осудиме валканите обиди за оцрнување на г. Пимен само заради тоа што јавно го кажа своето искрено мислење по тие прашања, напишаа од МПЗ од Австралија на нивната фејсбук страна.