Членовите на кралското семејство, во иднина ќе мораат да плаќаат данок на државата, како и сите други Белгијци, откако Владата ја усвои даночната реформа.
Ова е прв пат во историјата на Белгија, откако оваа земја во 1830 година стана независна држава, кралското семејство да се изедначи со „обичните луѓе“ кога станува збор за плаќањето данок.
Според новите законски прописи, од оданочувањето е исклучен само кралот Алберт Втори (79) кој има годишна кралска апанажа од 11,5 милиони евра. Белгиските законодавци објаснуваат дека Уставот на земјата не дозволува да се менуваат правилата за монархот, додека тој е на престолот. Данок во иднина, меѓутоа, ќе плаќаат сите негови деца, како и кралицата Фабиола, вдовицата на претходниот белгиски крал Бодуен.
По неговата смрт, на престолот го наследи братот Алберт, затоа што Бодуен и неговата сопруга, кралицата Фабиола немаа деца и не оставија свој наследник.