На Инфективното одделение при Општата болница во Дебар хоспитализиран е само еден пациент, што е најмала бројка досега од отворањето на одделението на 11 ноември минатата година.
Тогаш беа хоспитализирани седум ковид паценти, а во одредени периоди, имаше речиси целосна исполнетост на капацитетот од 20 болнички кревети.
-Пациентот е на кислородна поддршка, но во стабилна состојба. Ова е првпат да имаме само еден пациент и се молам тој да го победи опасниот вирус и да нема други пациенти ниту кај нас, ниту во државата, да ја добиеме битката со невидливиот непријател, со кого војуваме од почетокот на март минатата година, изјави директорот на болницата Баки Алили.
Според него, мал е бројот и на оние кои амбулантски се третираат, односно шест заразени, кои по добиената терапија, заминуваат во нивните домови.
-Моменталната бројка на активни случаи е 13. Имаме само еден пациент во здравствена установа во Скопје, додека останатите пет се лекуваат во домашни услови. Официјалната статистика потврдува дека изминатите десет дена во општина Дебар и Центар Жупа регистрирани се само пет нови случаи, додека 35 лица се оздравени. Очекуваме резултати од 12 земени брисеви, информира Алили.
Од почетокот на пандемијата, во двете општини регистрирани се 799 позитивни случаи, активни на болеста се 13, а починале 35 лица.