Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен очекува дека снабдувањето со вакцини против коронавирусот од април може двојно да се зголеми, што би значело околу 100 милиони дози месечно во вториот квартал.
Во интервју за виенскиот дневен весник „Стандард“, фон дер Лајен предупредува и на предвремениот оптимизам поради новите мутации на вирусот.
– Најверојатно, ќе треба долго време да се справуваме со овој вирус на глобално ниво, но работиме со сите сили со цел што е можно побрзо да се излезе од кризата што ги оптоварува луѓето, објасни таа.
Таа рече дека ЕУ е загрижена поради новите мутации, додавајќи дека постојните вакцини делуваат добро, но оти е можно во секој момент да се појави нова мутација, која може да биде отпорна на сегашните вакцини.
Во врска со ова, ЕУ тесно соработува со големите фармацевтски компании и ги поддржува нивните истражувања.
Фон Дер Лајен исто така рече дека е потребно да се скрати процесот на одобрување на вакцините, и смета дека тоа е можно преку побрза размена на податоци.
– Редовната вакцинација против коронавирусот и неговите мутации може да станат нормалност на долг рок, како што сме навикнати против грипот, рече претседателката на Европската комисија.