Најмалку 20 луѓе загинаа, а 30 се повредени вечерва кога експлодираше автомобил-бомба пред популарен ресторан на пристаништето во сомалискиот главен град Могадишу, соопштија здравствените власти.
Одговорноста за нападот ја презеде радикална исламистичка милитантна група поврзана со Ал-Каеда.
Очевидци на настанот за сомалиските државни медиуми изјави дека по експлозијата се слушнале истрели, пренесоа британските медиуми.
На драматичните снимки направени непосредно по експлозијата, се гледа како луѓето во паника ги носат ранетите и се обидуваат да им помогнат.
Автомобилот наполнет со експлозив, кој го возел бомбаш-самоубиец, експлодирал веднаш откако влетал во толпата која била насобрана пред популарниот ресторан „Лул Јемени“ на пристаништето во Могадишу.
-Досега имаме 20 мртви и 30 ранети на местото на експлозијата, изјави портпаролот на сомалиските служби за итни случаи.
Милитантите од екстремната организација Ал Шабаб, која е активна во Сомалија и има врски со Ал-Каеда, преку порака на интернет соопштија дека се одговорни за крвавиот терористички напад.
Сомалија долго е речиси во состојба на анархија, а во граѓанската војна која беснее во муслиманската земја, бомбашките напади станаа чести, особено во главниот град. Во двоен напад на автомобили-бомби во 2017 година во Могадишу загинаа повеќе од 500 луѓе.