Отпочнувањето на преговорите е клучно во дефинирањето на темпото на реформите. Што поскоро ги започнеме преговорите, толку подобро ќе се одрази тоа на реформите во областа на владеењето на правото, истакна денеска министерот за правда Бојан Маричиќ, кој се обрати на онлајн трибината „Обезбедување на механизам за владеењето на правото во контекст на проширувањето на ЕУ“, што се одржа во организација на Фондацијата „Фридрих Ебер“.
Во своето обраќање, како што соопшти Министерството за правда, Маричиќ го поздрави неодамна воведениот механизам за почитување на владеењето на правото од страна на ЕУ, како инструмент за рано откривање и спречување на проблемите со владеењето на правото во земјите-членки.
-Ревидираната методологија за проширување од 2020 година, е добредојдена, бидејќи му дава дополнителен кредибилитет, динамика и силно политичко управување на процесот на проширување, а на владеењето на правото му е дадена централна улога во процесот на пристапување. Пожелно е Европската комисијата овој механизам да го вгради во процесот на проширување, истакна Маричиќ.
Министерот истакна дека реформската моќ на процесот на проширување е голема, особено поради фактот дека земјите-кандидатки испорачуваат реформи кога добиваат зајакнат стимул преку мониторингот на ЕУ и партнерскиот однос на соработка.