Делницата Крупиште Кочани од експресниот пат Кочани – Штип се очекува да биде готова до декември, најави денеска директорот на ЈП за државни патишта Ејуп Рустеми кој со министерот за транспорт Благој Бочварски изврши увид на активностите за изградба на мостот на Злетовска река, еден од четирите проектирани моста на делницата.
Првата делница од експресниот пат Штип – Радовиш, пак, е реализирана над 90 проценти, и се очекува да биде пуштена пред рокот, до април или мај годинава.
Инвестицијата во делницата Крупиште-Кочани во должина од 13,7 километри изнесува 18,2 милиони евра. Првата делница од Штип до Крупиште е во функција од минатата година. Вкупната должина на целиот експресен пат е 28 километри, а инвестицијата 37,3 милиони евра.
Министерот Бочварски истакна дека со изградбата на овој експресен пат се создава брза патна врска помеѓу централниот и источниот дел од државата, се отвора можност за влез на нови странски и домашни инвеститори, за зголемување на работните места, како и за подобра комуникација помеѓу граѓаните.
-Со неговата изградба го подобруваме животниот стандард на преку 170 илјади граѓани од целиот источен плански регион, создаваме поволни услови за развој и за регионално поврзување.Изградбата на експресниот пат од Штип до Кочани нуди модерно решение, што верувам дека ќе придонесе за зголемување на безбедноста во сообраќајот во споредба со сегашната патна врска каде што за жал ни се случуваат многу сообраќајни незгоди, рече Бочварски.
Овој нов патен правец почнува кај местото Три чешми кај Штип, а се надоврзува на веќе завршениот автопат Миладиновци-Свети Николе Штип. Идната максимална брзина на движење на експресниот пат ќе биде 100 километри на час, најави директорот на ЈПДП Рустеми.
Тој прецизираше дека на втората фаза од експресниот пат Кочани – Штип моментно се работи на армирано бетонски објекти, мостови и натпатници, обезбедување материјали за коловозна конструкција и други земјени работи. Покрај четирите моста превдидена е и изградба на две клучки кај Кочани и кај Спанчево, два потпатника и три натпатника. Патот ќе биде со ширина од 11,4 метри со две сообраќајни ленти од по 3,5 метри, две ленти за принудно застанување и две работни ленти.
Првата делница од експресниот пат Штип – Радовиш се до април или мај годинава.
Министерот Бочварски информираше дека првата делница од експресниот пат Штип-Радовиш, од клучката кај четвртиот километар до рудникот Бучим е со над 90 проценти реализација и оти се очекува дека ќе биде пуштена во употреба во април или мај годинава, пред рокот. -Целиот експресен пат, втората фаза од Три чешми до клучката кај четвртиот километар и од Бучим до Радовиш, очекувањата и рокот е до април 2022, но според разговорите со изведувачите можно еда стасаат и пред рокот и до крајот на оваа година да имаме целосно нов ескпресен пат од Штип до Радовиш, рече министерот за транспорт.
Како што информираше, низ државата моментно се градат 110 километри експресни патишта во кои се инвестираат 168 милиони евра.
-Истокот посебно повеќе не е слепо црево и речиси и да нема патна врска која не е рехабилитирана, реконструирана или да не се врши изградба на нов патен правец, нагласи министерот за транспорт, дополнувајќи и дека е во завршна фаза рехабилитацијата патот од Крупиште до Пробиштип, кој не бил обновен од неговата изградба.