Обединети за Македонија се изречно против најавената промена на називот на улицата „Борис Сарафов“ во улица „4 Јули“.
„Не можеме да прифатиме да се преименува улицата која го носи името на еден од најголемите македонски патриоти Борис Сарафов, со датата 4 Јули како старо-нов назив на истата улица“, велат од ОМ.
Да ги споредиме непобитните историски факти:
– Борис Сарафов, македонски патриот и револуционер, учесник во Илинденското востание, претседател на Врховниот македонски комитет и член на главниот штаб на Битолскиот револуционерен округ, борец и деец за македонската слобода и
– „4 Јули“ – ден на Борецот и таканаречен „празник на востанието на Југославија“ кога КПЈ донела одлука за вооружено востание и ден на кој е формиран главниот штаб на НОБ за Србија.
Патем, самиот српски народ, од 2001 година со одлука на Владата на Србија веќе не го слави овој празник, нити го чествува датумот „4 Јули“.
Затоа, повеќе од јасно е зошто ние од Обединети за Македонија се противиме на ваквиот предлог.
Ги повикуваме сите оние кои ќе треба да го гласаат во иднина овој предлог, пред да ја подигнат раката за него, да си дадат одговор себеси на едно едноставно прашање:
До кога ке ги чествуваме и глорифицираме туѓите историски факти и ќе ја посакуваме туѓата историја, за сметка на која ќе си ја минимизираме и уништуваме сопствената, со крв натопена историја?“, прашуваат преку соопштение Обединети за Македонија.