Портпаролите на кризниот штаб за Ковид-19 денеска побараа од белгиските граѓани да не ја купуваат руската вакцина на интернет, јави дописничката на МИА од Брисел.
На редовниот брифинг на штабот изутринава им беше посочено на граѓаните на Белгија дека во промет се пуштени фалсификувани руски вакцини кои се продаваат на интернет и на улица.
Сабин Стордер, од штабот, предупреди дека ефикасноста и безбедноста на оваа вакцина сѐ уште не е проверена и дека вакцината не е одобрена, поради тоа властите бараат од граѓаните да бидат внимателни и да не примаат вакцини надвор од болници, пензионерски домови и центри за вакцинација.
Таа потсети дека враќањето во нормала ќе може да се случи само откако 70 отсто од возрасното население ќе биде вакцинирано.