Уште една актерка и поранешна партнерка на американскиот рок музичар Мерилин Менсон излезе во јавноста со обвинувања за бизарно однесување, психолошко и сексуално малтретирање против контроверзната ѕвезда, пренесуваат медиумите од САД.
Станува збор за британската актерка Есме Бјанко, која е најпозната по улогата на Рос во серијата „Игра на престоли“ („Game of Thrones“). Таа со своето сведоштво ѝ се придружи на уште една поранешна девојка на 53-годишниот рокер, Еван Рејчел Вуд, која прва истапи во јавноста со обвинувања за сексуално злоставување и психичко малтретирање од страна на Менсон. Уште четири други жени раскажаа слични искуства со рок-ѕвездата, која има продадено над 50 милиони албуми.
Бјанко го опишува Менсон како „чудовиште што скоро ме уништи“.
Во интервјуто за њујоршкото списание The Cut, актерката изнесе детали од бурната врска со Менсон, а и покрај тоа што неколку години претходно го познавала, вели дека врската ја започнале во 2009 година, кога таа требала да настапи во спотот за неговата песна „I Want to Kill You Like They Do in Movies“ („Сакам да те убијам како што тоа го прават во филмовите“).
Бјанко вели дека неговото насилство кон неа почнало веќе на снимањето на спотот, кога ѝ кажал: „ќе мораш да се правиш дека сакаш да те малтретирам“.
Актерката се присетува дека границите меѓу глумата и реалноста станале нејасни, а Менсон ѝ давал кокаин, ја врзувал со кабли, ја камшикувал и користел болна електрична секс-играчка на раните кои ѝ се појавиле од врзувањето.
Таа во тоа време имала 26 години и се уверувала самата себеси дека и покрај насилството, создала емотивна врска со Менсон, раскажува таа. Спотот за конкретната песна никогаш не е објавен, а Менсон на актерката ѝ дал неколку изговори зошто не е прикажан.
Тие извесно време и живееле заедно, но Бјанко тврди дека злоставувањето продолжило и во неговиот дом во Холивуд – тој непрестајно ја гризел за време на сексот, па дури во еден момент ја исекол со нож.
„Се чувствував како робинка. Доаѓав и си одев кога тој сакаше. Целосно контролираше со кого разговарав. Се сеќавам дека зборував на телефон со семејството, криејќи се во плакар,“ раскажа Бјанко во емотивното сведоштво.
Според неколку изјави на сведоци, Менсон барал во куќата постојано да се одржува температура од 16 степени, а на сите прозори имало темни завеси, што го отежнувало разликувањето на денот и ноќта за сите што живееле во неа. По неколку месеци заеднички живот, Менсон наводно со секира ја гонел Бјанко околу куќата, по што таа конечно решила да побегне и да ја прекине врската со него.
Мерилин Менсон ги отфрла сите обвинувања против него и вели дека тие се „извртување на реалноста“.