Околу 4.500 американски војници, вооружени со ракети „Патриот“ и авиони ловци Ф-16, почнаа маневри во Јордан, кои Русија ги осуди, истакнувајќи оти со нив Западот го разгорува конфликтот во соседна Сирија.
Во десетдневните маневри „Игар лајон“ (Еager Lion) учествуваат 8.000 војници од 19 земји, меѓукои САД, Јордан, Велика Британија, Саудиска Арабија. Вашингтон минатата седмица потврди дека ракети „Патриот“ и авиони ловци Ф-16 можат да останат во Јордан по маневрите.
Јордански претставници изјавија неофицијално дека Аман побарал најмалку два ракетни система „Патриот“ да останат на јорданска територија со оглед на евентуален ракетен напад од Сирија.
САД и Јордан вчера изјавија дека маневрите не се поврзани со војната во Сирија. Јордан е меѓу арапските земји кои ја поддржуваат сириската опозиција.