Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој соопшти дека на сметките на 14 113 лица кои одгледуваат лозови насади исплатила вкупно 550.741.044 денари.
Станува збор за исплата по однос на мерките: директни плаќања за оддржување на лозови насади“ и директни плаќања за мали земјоделски стопанства дефинирани според историски плаќања во последните три години.
Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, Никица Бачовски, информира дека субвенциите за лозарите се веќе на нивните сметки.
– Парите за лозарите ги исплаќаме пред празникот Свети Трифун, кога и официјално почнуваат активностите околку производство на нова реколта на домашно грозје и вино. Наше е да обезбедиме поволни услови и средства кои ќе помогнат во намалување на производните трошоци. На лозарите останува да дадат се од себе да произведат квалитетно грозје од кое ќе може да се произведе и добро вино, изјави директорот Бачовски.
Агенцијата соопшти дека со Владата и Министерството за земјоделство, преку креирање мерки и програми, ќе продолжат да создаваат поволни услови за развој на агросекторот.
– Сите кои стекнале право за користење финансиска поддршка, во еден ден и без никаква селекција, ги добиваат средствата кои им следуваат. Праксата за навремена и неселективна исплата на субвенцииите продолжува. Земјоделските субвенции ќе се исплаќаат во период кога средствата им се најпотребни на земјоделците, односно пред почеток на новата реколата, наведува Агенцијата во соопштението.