Националната комисија за имунизација во Грција, на денешниот состанок, даде зелено светло за вакцината на Астра Зенека и едногласно одлучи да не се користи за лица над 65-годишна возраст, туку ќе ја примат граѓаните меѓу 18 и 64 години, додека пак почетокот на вакцинацијата со конкретната вакцина во Грција се очекува да започне по 12 февруари.
Во Грција во тек е вакцинација на граѓаните над 80 години со вакцината на Фајзер, а со оглед на тоа дека вакцината на Астра Зенека е наменета за друга категорија, во следниот период ќе се отвори платформата за закажување термин за лицата меѓу 60 и 64 години, а со тоа ќе се формира паралелен систем на имунизација на населението.
Претседателката на комисијата Мариа Теодориду и Генералниот секретар од Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус, по состанокот истакнаа дека станува збор за безбедна и ефикасна вакцина, а единствената причина за одлуката за лицата над 65 години е затоа што не постојат доволно податоци за конкретната група.
Теодориду истакна дека вакцината на Астра Зенека „има многу добри карактеристики на безбедност, можност да создаде имунитет и на ефикасност“.
-Националната комисија за вакцинација препорачува вакцинација со вакцината Астра Зенека за лица на возраст од 18 до 64 години. Националната комисија за вакцинација препорачува период од 12 седмици помеѓу првата и втората доза на вакцината. Овие препораки може да бидат изменети во следниот период, во зависност од најновите податоци, рече Теодориду.