Со вкупен буџет од 3,2 милиони евра обезбедени преку Инструментот за претпристапна помош – ИПА 2 на Европската унија, Владата започнува со реализација на проекти за домување на Ромите со кои се очекува да се подобрат условите за живеење на овие граѓани.
Проектите ќе бидат реализирани во следните три години во Прилеп, Битола, Штип, Берово и Кичево. Со нив ќе се опфати легализација на ромските домови, ќе се подобри инфраструктурата во ромските населби, ќе се изградат нови живеалишта за Ромите, но исто така проектите вклучуваат и вработување на младите Роми и поддршка на учениците Роми со туторство.
Планирано е да се легализираат куќите на 700 ромски домаќинства во Прилеп, имотите на 5.000 Роми во Битола, 1.027 куќи во Штип и 40 куќи во Берово.
– Проектот опфаќа и изградба на нови живеалишта – 50 куќи во Штип, 30 станови во Кичево, а истовремено ќе има реконструкција на 50 куќи во Прилеп и 15 куќи во Берово, истакна министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска на денешната прес-конференција во Владата на која имаше воведно обраќање заедно со премиерот Зоран Заев и евроамбасадорот Дејвид Гир.
За таа цел, како што соопшти премиерот Заев, направено е мапирање на ромските населби во сите општини, а до Собранието доставени се Предлог-измени на Законот за постапување со бесправно изградени објекти.
– Имаме и сосема нов закон којшто исто така е доставен до Парламентот. Со тоа се овозможува лицата кои не успеја да ги легализираат своите живеалишта во изминатиот период, да можат повторно да поднесат документација при што лицата кои се приматели на гарантираната минимална помош ќе бидат ослободени од севкупните трошоци за легализација, рече Заев.
Годинава, планирано е да започне и процесот на подготовка за новата стратегија за Ромите која се очекува да биде завршена најдоцна до август годинава.
Според евроамбасадорот Гир, овие проекти се продолжение на поддршката што ЕУ ја дава за ромската интеграција во текот на годините, а која се однесува на образованието, обуката и преквалификацијата, вклучувањето на жените Ромки и поддршка за посочување на Ромите кои немаат лична идентификација.
-Целта на овој настан е да се испрати силна порака до сите чинители. Важно е сега да се внесе промена во борбата против дискриминацијата врз Ромите и да се вклучат во главните текови на општеството. Сметам дека овие проекти ќе придонесат кон остварувањето на оваа цел, која не е цел само за Северна Македонија, туку и за Европа во целина, подвлече Гир.
Условите во кои живеат Ромите најчесто се полоши од условите во кои живеат останатите граѓани. Често тие живеат во населби кои се со нерешен статус и без основна инфраструктура.
Како што посочи пратеничката Љатифе Шиковска, повеќе од 50 проценти од семејствата живеат со уште едно семејство заедно во простор од два до пет метри квадратни, а половина немаат услови за лична хигиена и вода во своите домови.