Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски по денешната средба со градоначалничка на Тетово, Теута Арифи, најави дека за неколку недели започнува долгоочекуваната реконструкција на двете улици „Гоце Делчев“ и „Ѓоце Стојчески“.
Информираше дека првиот тендер за проектот од Светска банка е веќе завршен и потпишани се договорите со изведувачите.
-За улиците „Гоце Делчев“ и „Гоце Стојчевски“ во наредните неколку недели би започнала реализацијата. Пред тоа треба да се направат сите подготвителни чекори и мерки од страна на општината со цел усогласување и продолжување со реконструкцијата на овие две улици. Се работи за две улици од кои едната е 15 милиони денари, а втората 7 милиони денари вредност, рече Бочварски.
Тој информира дека почнува и постапката за реконструкција, проширување и надградба на автопатот Тетово – Гостивар. Годинава можни се проектирања и физибилити студии.
-Моите очекувања се дека наредната година веќе ќе имаме можност и на терен да пробиваме и да работиме на овој автопатски правец. Но, би сакал да најавам дека веројатно ќе се оди по дополнително нова траса. Едниот нов правец којшто ќе биде со цел да не се рушат сите постоечки инфраструктурни проекти што ги имаме на овој патен правец. Другата насока да биде по друга траса, така што на онаа другата траса ќе се изгради правецот од Гостивар кон Тетово, а оваа постоечката да биде од Тетово кон Гостивар. Имаме модерно решение кое ќе биде многу значајно за економскиот развој меѓу општините во западниот дел од државата, изјави Бочварски.
За обиколница за Тетово, рече дека се работи на идејата за клучка кај селото Требош.
-Сакаме да направиме посовремено решение со кое ќе избегнеме тешките товарни возила и моторните возила кои немаат потреба да влегуваат во Тетово, да го заобиколуваат градот преку клучката и да продолжат кон Јажинце. Тоа е нова клучка и нов пат којшто се проектира и по добивањето на сите проектни документации ќе обезбедиме финансиска конструкција со цел да придонесеме за подобра комуникација во градот, да ги избегнеме гужвите и да им го олесниме животот на граѓаните, порача министерот Бочварски.