Пратеникот Љупчо Пренџов од ГРОМ од собраниската говорница посочи дека заради поигрување и манипулирање со случајот Монструм, народот ја изгубил довербата во сите државни институции кои служат само за политика, а не за правда и правдина и упати прашање до јавниот обвинител Љубомир Јовески од кој побара објаснување зошто предметот е вратен на повторно судење, односно заглавил во правен хаос.
„По кој основ Јавното обвинителство на тогашниот ВД јавен обвинител Лилјана Спасовска побара од Врховниот суд да се укине пресудата за Монструм и да се врати на повторно судење? Дали ќе покренете одговорност за Лилјана Спасовска која сега е заменик, а тогаш била ВД Јавен обвинител? На крај, г-дине Јовески, дали чувствувате лична одговорност за оваа правна лакрдија?“, праша пратеникот Љупчо Пренџов.
Јовески рече дека За случајот „Монструм“ е неблагодарно за предметот кој се наоѓа во деликатна фаза и дека неговото изнесено мислење може да влијае на судскиот процес.
“Моето коментирање на определени докази, факти, околности во врска со конкретниот предмет може да значи влијание врз независната власт, врз судската власт“ рече Јовески, одговарајќи на пратеничко прашање за случајот „Монструм“ од пратеникот Пренџов од партијата ГРОМ.