Бугарија нема постигнато значителен напредок во главните области што го загрижуваат Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), вклучително корупцијата на високо ниво и слобода на медиумите, правата на малцинствата.
Известувачот на ПССЕ, Микаел Аструп Јенсен во својот извештај прави преглед на еволуцијата на следењето на земјите членки на Советот на Европа во исполнувањето на нивните обврски преземени со членството во СЕ.
Единаесет земји се наоѓаат под строг мониторинг, меѓу кои една членка на ЕУ Полска и нашите соседи Србија и Албанија, како и Руската Федерација.
Македонија, заедно со Црна Гора и Бугарија, е во ткн. „пост-мониторинг дијалог“.
Со пандемијата работата на следењето на обврските беше отежнато, но сепак повторно во извештајот на паневропската асамблеја се најде положбата на Македонското малцинство во Бугарија.
Во извештајот е наведено дека во изминатата година Бугарија нема постигнато напредок во главните области што загрижуваат, вклучително и корупцијата на високо ниво и слободата на медиумите, како и човековите права на малцинствата, меѓу кои и на Македонците.
-Во однос на човековите права на малцинствата, комесарот на Советот на Европа за човекови права со загриженост во својот извештај за Бугарија за 2020 година забележа ендемска нетолеранција кон малцинските групи, што посебно влијае на Ромите, муслиманите, мигрантите и барателите на азил, луѓето кои се изјаснуваат како етнички Македонци и ЛГБТИ заедницата. Во извештајот се наведува наплив на непријателски акти против малцинства, вклучително и злосторства од омраза и низа антиромски митинзи организирани низ Бугарија, нагласува Јенсен.
Во усвоената резолуција од ПССЕ, се наведува дека бугарските власти изразиле декларативна волја за реформа на Уставот со цел ефикасна борба против корупцијата и гарантирање на независност на судството, владеење на правото и соработка со Европската комисија за демократија преку закон (Венецијанска комисија) во врска со ова.
Сепак се оценува дека Бугарија нема постигнато значителен напредок во главните области што го загрижуваат ПССЕ, вклучително корупција на високо ниво и слобода на медиумите.
Од Бугарија, Собранието од Стразбур бара да ги засили напорите за решавање на нерешените проблеми наведени во Резолуцијата 2296 (2019) „за постмониторинг дијалогот со Бугарија“, односно борбата против корупцијата на високо ниво, слободата на медиумите, човекови права на малцинствата, говорот на омраза и насилство врз жените и целосно да ја искористи правната експертиза на Советот на Европа во процесот на усвојување на новиот Устав.