Европската Комисија денеска им препорача на земјите членки на ЕУ да воведат построги мерки за патниците во и вон Унијата за да се избегнат нови бранови од Ковид-19.
Земјите треба построго да ги обесхрабрат неесенцијални движења преку границите но и во самите земји со оглед на тоа дека новите мутации на вирусот се позаразни и се шират многу бргу, предупредија денеска еврокомесарите Дидие Рејндерс и Илва Јохансон на прес конференција во Брисел.
За земјите надвор од ЕУ, Комисијата препорачува задолжително тестирање пред заминување и приложување на тест не постар од 72 часа како и карантин или изолација од 14 дена максимум. ЕК бара исто така да се преземат построги мерки за патниците кои пристигнуваат од земјите каде се детектирани новите варијации на вирусот, односно Велика Британија и Јужна Африка. За овие патници треба да се бараат и дополнителни тестови при пристигнување во земја на ЕУ.
Конечно, Комисијата препорачува и да се воспостави заеднички европски формулар за локализација на патниците. Сега земја има свои формулари, Комисијата смета дека треба сите земји членки на ЕУ да имаат ист образец.
Што се однесува до одлуката да се отстрани трета земја од списокот на ризични дестинации, Комисијата бара да се додаде критериум што се однесува на присуството на мутирани соеви на вирусот. Другите критериуми за стапките на позитивност и на тестирање остануваат исти.
ЕУ треба да ги заостри правилата за патување не само во самата Унија, туку и во самите земји членки, смета ЕК, без притоа да се стави во опасност функционирањето на заедничкиот пазар. За оваа цел земјите членки на ЕУ ги модификуваа кодовите со бои, додавајќи ја темно црвената за земјите со посебна висока стапка на заразени и позитивност.
За патниците кои пристигнуваат од овие зони, ЕК препорачува тест и карантин, но одлуката останува во рацете на националните власти.
Сепак, европската извршна власт потсетува дека на есенцијалните работници, лицата кои работат во погранична зона или преминуваат редовно граници од семејни причини треба да им се олеснат процедурите.