Прв пат од 2000-та година до ден – денес, после речиси 13 години, се намали бројот на луѓе кои имаат позитивно мислење за Српската православна црква. СПЦ повеќе не е најомилена и најважна институција кај граѓаните. Првото место го презеде војската на Србија.
Според последното истражување на „ИПСОС стратегиски маркетинг“, позитивно мислење кон војската имаат 42%, додека кон црквата 41%.
Директорот на агенцијата која го спровела истражувањето Срѓан Богосављевиќ, вели дека во последните 14 години тие постојано ги следат сите подеми и падови на државните институции.
– Трите столба на демократијата, владата, парламентот и правосудството, по некое непишано правило се најниско оценети при рангирањето. Долго време црквата се држеше високо рангирана со 70% позитивно мислење кај граѓаните во однос на другите институции, но падот на довербата се случи во последните три месеци – вели Богосављевиќ.
Според негово мислење, без разлика на тоа што во пописот има голем број на Срби кои се изјасниле како верници, Србија во последните 10 години има сериозен проблем со идентитетот.
– Црквата претставува главно идентитетско сидро на Србија. Исто така, народот не очекува премногу од црквата во анкетите. Голем скок на популарноста на црквата се случи по смртта на патријахот Павле, што создаде дополнителни емоции кај граѓаните. Последните невидени скандали во црквата и нејзиниот ладен однос со државното раководство, се последици за падот на довербата – објаснува Богосављевиќ.
Социологот Јово Бакиќ, пак, смета дека не претставува проблем тоа што поранешниот владика Качавенда бил склон кон мажи, туку е проблем што црквата ги осудува геј парадите, а нема морална сила да се соочи со хомосексуалците во своите редови.
– Дневните весници имаа пресудна улога во откривањето на скандалите поврзани со СПЦ. Тоа е и нивната улога. По скандалот со Качавенда, речиси 90% од вестите во медиумите за СПЦ имаа негативна конотација. Со тоа, целта делумно и е постигната во однос на промената на јавното мислење, но сепак не верувам во резултатите на истражувањето – вели Бакиќ.
Петар Клинчарски