Вчера почина универзитетската професорка, преведувач и научен работник проф. д-р Љубица Тодорова Јанешлиева, која својот работен век го помина на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ како професор по современа англиска и американска книжевност, а беше и раководител на катедрата, продекан и декан на факултетот.
Тодорова-Јанешлиева е родена во 1940 година во Белград. Дипломирала на Универзитетот од Бристол, Велика Британија, магистрирала на Универзитетот во Белград, а докторирала на УКИМ во Скопје. Била дел од кадарот на Катедрата за анлиски јазик и книжевност, во 1960-тите, кои ги поставија темелите на современите студии по англиски јазик и книжевност и ги подигнаа на извонредно високо ниво. Предавала и на Универзитетот во Братфорд, Велика Британија, и на Универзитетот на државата Вашингтон во градот Сиетл, САД.
Проф. д-р Љубица Тодорова Јанешлиева објавила околу 80 научни и стручни трудови од областа на англистиката, американистиката и компаративна книжевност (студии, предговори и есеи) во книги, специјални едиции и периодични списанија во земјата и во странство, како и неколку преводи и приредени збирки на македонска и англиска поезија.
Последен поздрав со проф. д-р Љубица Тодорова Јанешлиева е закажан за утре (19 јануари 2021) во капелата на градските гробишта Бутел, од 11.30 до 12 часот.