Европската унија постепено ќе воведува царини на увоз на кинески соларни панели, изјави денеска еврокомесарот за трговија Карл де Гухт.
Со тоа претставници на Брисел и Пекинг добија дополнителни два месеци за да пронајдат решение, по што овие антидампинг мерки ќе ги почувствуваат во целост.
– Европската комисија денеска едногласно одлучи да воведе казнени царини на кинески соларни панели, по откритието дека на европскиот пазар се продавани и до 88 отсто под цената, изјави Де Гухт.
Де Гухт рече дека првобитните царини, кои ќе стапат во сила од четврток, ќе бидат во висина од 11,8 отсто, по што на 6 август, доколку дотогаш не дојде до постигнување договор, ќе скокнат на просечните 47,6 отсто.
Кина во Европа во текот на 2011 година извезе соларни панели во вредност од 21 милијарди евра.