Повеќе лица се приведени при акцијата на полицијата во Вевчани, дознава „А1он“. Меѓу нив е и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ-Вевчани, Ѓорги Влајнкиноски. Тој на социјалните мрежи објави фотографија од себеси во полициското комбе, со кое бил однесен во станица. Од МВР нема податок колку други лица се приведени. Присутните на Вевчанскиот карневал, се судрија со полицијата за што говорат и видеата.
„Денес бев апсен. За ништо, се разбира. Нема страв, нема предавање. Има полициска бруталност, ама ќе им помине. Вевчанци, драги мои Вевчанци посебно Ви благодарам за пркосот кон полициската бруталност. Да живее Вевчани, да живе Македонија“, објави Влајнкиноски на социјалните мрежи.
Од МВР веќе најавија дека по документирање на случајот, ќе бидат поднесени и соодветни поднесоци. Тие кажаа дека полицијата интервенирала поради непочитување на забраната за групирање на повеќе од четири лица со што се загрозува здравјето на граѓаните во услови на глобална пандемија.
Полицијата интервенираше попладнево, а Вевчанскиот карневал беше растурен. Граѓаните кои дојдоа да го следат карневалот, но и жителите, полицијата ја дочекаа со пцовки, исвиркување, карање, но и провокации. Полицијата во Вевчани дојде со неколку комбиња.