Експретседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, смета дека неговата замена, Александар Даштевски, е доволно искусен за да биде на таа функција. Дерковски за „А1он“ вели дека не се кандидирал бидејќи смета дека ја завршил задачата која му била дадена, па сега ќе се врати од кај што дошол – приватниот сектор. Тој вели дека има работи за менување во ДИК, кои треба да ги направи Даштевски и старо-новиот состав.
„Не се кандидирав, како што и најавив и пред некој месец, ми заврши мандатот и си одам од кај што дојдов, во приватен сектор. Еве јас не сакам државна функција, затоа што сметав дека задачата која ми беше дадена ја завршив, мандатот помина, немам причина и потреба повеќе. Нема врска кривичната пријава за моето не кандидирање. Веќе имам кажано за пријавата дека ниту сметам дека јас сум згрешил, ниту некој од службата и ќе го докажеме тоа“, вели Дерковски.
Запрашан дали Даштевски ќе биде негова достојна замена, Дерковски вели: „Се надевам дека ќе бидат добри, дека ќе го продолжат континуитетот кој ние како комисија се обидовме да го направиме“.
„Не би му посочил ништо, би му посакал среќа. Доволно е искусен, бил член на ДИК и претходно. Ние од комисијата да направиме институција која ќе има одреден рејтинг кај јавноста, бидејќи знаете дека во минатото беше повеќе критикувана отколку наградувана од јавноста. Се надевам дека ќе продолжат“, одговара Дерковски, запрашан дали Даштевски ќе биде негова достојна замена.
Тој посочува дека простор за менување на работите, секогаш има.
„Работи за менување секогаш ќе има. Има уште простор за реформирање и во комисијата, но тоа зависи и од политичката волја на политичките фактори. Тоа е така бидејќи сите работи кои треба да се направат се преку Изборниот законик. Мора да се направат одредени измени таму за да може и комисијата да ги спроведе, а со тоа да реформира одредени области во изборното законодавство и самата проблематика – изборите. Има простор, секогаш има“, вели Дерковски за „А1он“.
Експретседателот смета дека со комисијата имале одлична соработка, без разлика на партиската припадност.
„Со овој состав на комисијата морам да признаам навистина имавме одлична соработка, иако бевме од различна политичка провиниенција. Им честитам на соработка. Покажавме дека и еден државен орган, без разлика на политичката припадност, да функционира согласно законите во државата“, додава Дерковски.