Ја испраќаме годината запаметена по светска пандемија која целосно ни го измени начинот на живеење, а со тоа и светогледот. Ќе ја паметиме како година на најголемата светска криза во новиот век. Старата поговорка вели „на мака се познаваат јунаците“ – така и оваа мака ни покажа многу јунаци на првата борбена линија, ама ни покажа и солидарност, човечност и нѐ потсети колку е важно да помагаме – вели премиерот Зоран Заев во новогодишното видео обраќање.
„Сите заедно се осигуравме дека имаме стабилен здравствен систем кој функционира без застој. Огромна е пожртвуваноста на здравствените работници, кои и во текот на овие празници се на работните места, во болниците и се борат за секој живот. Менаџирањето на кризата ќе беше невозможно и без ангажманот на припадниците на Армијата, на полицијата, на медиумските работници и на другите на првата линија. Во исто време, изразувам сочувство за секој изгубен живот, а заедништвото во оваа борба нека им ја даде сета сила на семејствата кои претрпеа загуби, за да си го најдат мирот. Идната, 2021 година, ќе биде година на вакцинацијата и на излез од коронавирус пандемијата. Вакцините се можност да заштитиме животи и повторно да си го вратиме вообичаениот начин на живот. Можност да ја надминеме оваа здравствена криза“ – вели Заев.
Тој потсетува дека 2020 донесе исполнување на една од големите стратешки цели, влезот во НАТО.
„Сега погледот е кон Европската Унија. Нашето членство во нашата матична Унија нема друга алтернатива. Ништо нема да нѐ запре да чекориме напред, затоа што како Македонци имаме што да кажеме на нашиот македонски јазик, рамноправни со останатите европски народи. На тој пат продолжуваме да градиме пријателство и меѓусебна доверба со сите наши соседи. На тој пат сме рамо до рамо сите ние – Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, Бошњаците и сите кои живеат во Северна Македонија“ – порача премиерот.
Тој потсети дека празниците треба да се слават одговорно со почитување на сите органичување и на мерките кои се на сила за заштита од короанвирусот.