Државната комисија за спречување на корупцијата на денешната 45-та седница донесе одлука со која му укажува на Советот на Општина Центар да го укине донесениот заклучок и да донесе нов заклучок за членовите на комисиите, кои работат на изборот на идејното урбанистичко решение за Буњаковец 2, односно локацијата на фабриката „Треска“.
Предметот, како што посочи претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, е отворен по сопствена иницијатива за утврдување дали постои судир на интереси во врска со изработка на урбанистичкото решение за Блок 06, кое е дел од ДУП градска четврт 311 локалитет Буњаковец 1 и 2, во општина Центар, односно локација на фабриката „Треска“.
– По сознанијата дека Советот на општина Центар донел заклучок за градоначалникот да формира комисии за составување влезни податоци и Комисија за оценување конкурсни решенија, во кои членуваат и претставници кои што се сопственици на земјиштето, ДКСК одлучи да го отвори овој предмет, појасни Ивановска.
По добиените документи од Општина Центар, рече Ивановска, утврдено е дека се прекршува еден член од Законот за јавни набавки со кој се пропишува дека оценувањето на проектите за идејно решение го извршува комисија од три члена кои се независни од учесниците во конкурсот и се професионални во таа област.
– Гледајќи го списокот на учесниците, каде се наоѓаат и сопственици на тој простор, заклучивме дека комисиите не се независни и во нив членуваат претставници на сопствениците на земјиштето и на инвеститорите, кои остваруваат директна финансиска корист од урбанистичко решение. Сметаме дека учествотото на приватниците во овие комисии, всушност ќе овозможи протежирање на нивниот приватен интерес, што не е во ред со закон, изјави Ивановска.
Согласно планот за изменување и дополнување на ДУП градска четврт 311, како што рече Ивановска, земјиштето е уредено како земјиште за општа употреба со намена парковско зеленило, сообраќајници и пристапни улици и парцелирано градежно земјиште со 85 градежни парцели кои се дел од Блок 6, нумерирани од 601 до 685, дефинирано со опфат на улиците „Владимир Палачинковски“, поранешна „Иван Милутиновиќ“, „Френклин Рузвелт“, „Теодосиј Гологанов“ и „Христо Смирненски“.