Иран денеска го предупреди Израел да не ги преминува „црвените линии“ во Персискиот Залив во последните денови од претседателствувањето на Доналд Трамп и по пријавеното распоредување на израелска подморница, пренесува Франс 24.
Портпаролот на Министерството за надворешни работи, Саид Хатибџаде, истакна дека Исламската Република ќе се брани од каква било американска воена „авантура“ за време на предавањето на власта на Вашингтон на 20 јануари.
Изјавата доaѓa една недела откако морнарицата на САД соопшти дека нуклеарна подморница е стационирана во Персискиот Залив во нова демонстрација на сила насочена кон Иран. Оттогаш, израелските медиуми објавија дека израелска подморница го преминала Суецкиот канал и се упатила кон Персискиот Залив, информација што досега ниту беше официјално потврдена ниту демантирана.
– Секој знае што значи Персискиот Залив за Иран, рече Хатибџаде на онлајн конференција за новинари. – Секој ја знае безбедносната политика и политиката на националната безбедност на Техеран … Сите, многу добро знаат колкав е ризикот ако се пречекоруваат црвените линии на Иран.
Техеран го обвини Израел за неколку антиирански операции, вклучувајќи го и убиството на нуклеарниот научник Мохсен Фахризаде минатиот месец.
САД, од своја страна, го обвинија Иран за учество во ракетен напад во близина на нивната амбасада во Багдад минатата недела, додека Техеран се подготвува во јануари да ја одбележи првата годишнина од убиството на врховниот командант на Иран, Касим Сулејмани, во напад со беспилотно летало.
„Испративме пораки на американската влада и на нашите пријатели во регионот (предупредување) сегашниот режим на САД да не започнува нова авантура во последните денови во Белата куќа“, рече Хатибџаде. Тој истакна дека Иран не сака да ги ескалира тензиите и ги повика „рационалните луѓе во Вашингтон“ да заземат иста позиција се додека новоизбраниот претседател Џо Бајден не го замени Доналд Трамп во Белата куќа.
Децениските тензии меѓу Вашингтон и Техеран се зголемија од 2018 година, кога Трамп еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор со Иран. Вечните непријатели двапати стигнаа до работ на војна од јуни 2019 година, особено по атентатот врз Сулејмани.