ЗНМ: Со јавното етикетирање медиуми и новинари, пратениците и политичките претставници промовираат обид за цензура

Од:

Јавното етикетирање на медиумите и новинарите, посебно од страна на високи претставници на политички партии и пратеници, ја загрозува слободата на медиумите и е промоција на обиди за цензура и самоцензура, реагира денеска Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ).

ЗНМ потсетува дека во изминатите два дена дел од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, како и пратеникот од Левица во своите изјави ја етикетираа ТВ Телма како „режимска телевизија“, а навреди и омаловажувања посредно или непосредно беа упатени и кон новинарите и уредниците на оваа национална телевизија.

-Овој вербален напад упатен кон нашите колеги од ТВ Телма дополнително претставува и повреда на Кодексот за етичко однесување на пратениците. ЗНМ ги потсетува пратениците дека имаат должност да го почитуваат Кодексот кој во член 6 вели: „пратениците да не користат зборови и изрази со кои ќе повреди или омаловажи други лица, човечко достоинство и ќе предизвика омраза, нетолеранција и насилство“. Апелираме до пратениците и сите политички чинители дека доколку сметаат дека одреден медиум ги крши професионалните стандарди, да поднесат претставка до Советот за Етика на медиумите во Македонија и до Советот на честа при ЗНМ, наведува Здружението.

Според ЗНМ, правото на политичка дебата и правото на слободата на изразување, посебно во Собранието на РСМ се важни начела преку кои се очекува пратениците преку аргументи и конструктивни дебати да носат квалитетни закони. Злоупотребата на овие права од страна на политичари за јавна пресметка со новинари и медиумите негативно се одразува на слободата на медиумите, го дисквалификува новинарскиот дигнитет на професионалните новинари и дополнително, демонстрира политичка некултура во јавниот дискурс. Освен ова, ваквиот агресивен говор поттикнува симпатизери на овие политички партии дополнително да се пресметуваат, но и да се закануваат на новинарите пред се на социјалните мрежи на интернет.

-Потсетуваме дека уредничката и новинарската независност е неприкосновена и таа не смее да биде ниту под притисок на политичарите, ниту под притисок на сопствениците на медиумите. Бараме новинарите да бидат настрана во пресметката на бизнис и политичките интереси, единствено водејќи се од начелата за професионално и етичко известување и од јавниот интерес, пишува ЗНМ во реакцијата.

Би можело да ве интересира

(ВИДЕО) Лавров исфрли новинар од салата: „Ако не го предадете телефонот, ќе го извадат оружјето“

СДСМ: Денес го одбележуваме Светскиот ден на слободата на медиумите, но во Македонија овој ден не го славиме туку го преживуваме

Светски ден на слободата на медиумите: Слободните медиуми се столб на демократијата

ВИДЕО: Слободата на медумите во Македонија е во пад, состојбата сега е „проблематична“

Маскирани агенти ја претресуваат московската канцеларија на „Новаја Газета“

Реакција на ССНМ и ЗНМ: Повикот на ОЈО за „воздржаност“ може негативно да се протолкува