(ВИДЕО) Бочварски: Во услови на пандемија, проектите се реализираат со зголемен интензитет

Од:

Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски очекува до крајот на годинава да бидат реализирани 80 проценти од капиталните инвестиции на Министерството.

На денешната прес-конференција на која се осврна на реализираното во првите 100-тина од новата Влада, Бочварски посочи дека и во услови на здравствена криза, проектите не се забавени, туку се реализираат со уште поголем интензитет.

– Влеговме во еден период каде пандемијата од корона кризата имаше силно влијание врз динамиката на изградба на капиталните проекти, но со посветена работа и добро менаџирање, не дозволивме тие да запрат. Министерството за транспорт и врски и во услови на оваа здравствена криза, и понатаму останува мотор на домашната економија. Проектите што ги реализираме, не само што не се забавени, туку во овие 100-тина дена од новата Влада, добија уште поголем интензитет, рече Бочварски.

Показател за тоа, како што истакна, е растот на градежниот сектор во третиот квартал за 3,4 процентни поени, како и фактот што во речиси сите градежни компании нема отпуштање на работници.

За следната година најави интензивирање на градежните работи за изградба на експресниот пат Прилеп-Градско, а информира дека се завршени и сите пропуштени проекти за изградбата на автопатот Кичево-Охрид.

– Ги завршивме сите нови проекти што беа пропуштени при изградба на автопатот Кичево-Охрид. Дури 25 проценти од трасата се препроектираше. Сега имаме чист проект, чист фронт за работа и забрзана динамика на работите. Околу 350 милиони евра до сега се инвестирани во овој проект, истакна Бочварски на прес-конференцијата во Владата.

Продолжува и изградбата на експресниот пат Штип-Радовиш во вредност од над 42 милиони евра. Првата фаза, како што информира министерот, е при крај и пред рокот односно пред април следната година се очекува да се заврши овој патен правец.

Според презентираното на прес-конференцијата, забрзани се и активностите на експресниот пат Ранковце-Крива Паланка.

– Онаму каде што се јавија одредени проблеми со изградбата ги надминавме и оваа патна врска од Коридорот 8 продолжува забрзано да се гради, истакна Бочварски.

Во патната инфраструктура најавена е и силна градежна офанзива во општините каде ќе се планирани реконструкции на локални патишта.

Во делот на железничкиот сообраќај комплетно е завршена изградбата на пругата Битола-Кременица, инвестиција од 21 милион евра. Извршен е технички прием и во тек е постапката за издавање на употребна дозвола и ставање во функција.

За пругата кон Бугарија, односно делницата Куманово-Бељаковце, министерот Бочварски информираше дека надзорниот инжењер пред неколку дена го доставил финалниот извештај за извршените работи од фирмата што го напуштила градилиштето.

– Потребно е да се распише тендер за доизградба на уште 46 проценти незавршени работи, односно веќе најавивме дека во една јавна постапка ќе ги тендерираме првата и втората фаза од пругата. Очекувам веќе првиот квартал од следната година да се распише тендерот, рече Бочварски.

Во секторот за комунална инфраструктура се работи на преку 20 проекти за изградба и реконструкција на канализациска и водоводна мрежа, а најавени се и нов Закон за градење и изградба на нови социјални станови во градовите низ државата.

– Ова се само дел од проектите што ги работиме во изминатиот период. Не очекува 2021 година, година со многу предизвици на сите овие проекти и уверувам дека овие капитални инвестиции ќе се работтат со поголема динамика. Финансиски средства се обезбедени за сите проекти, очекуваме и намалување на притисокот од ковид пандемијата, така да имаме фронт за работа и силно продолжуваме со реализација на сите зацртани капитални проекти, потенцира министерот Бочварски на денешната прес-конференција во Владата.

Би можело да ве интересира

Бочварски: До 10 јули ќе се вози по патот Подмолје-Охрид, има силна градежна офанзива

A1on

Пуштен сообраќајот за лесни возила на магистралата А3 кај Делчево

Ана Ололовска

Бочварски: Владата ќе помогне за санација на штетите од невремето во Делчево

Ана Ололовска

Се укинуваат дозволите за превоз на товар и патници меѓу Србија и Северна Македонија

Горан Наумовски

Саем за транспорт во комплексот „Борис Трајковски“

Ана Ололовска

Бочварски: Сите постапки ќе се реализираат со цел да се изградат коридорите на време

Ана Ололовска