Инспекторите на Државниот пазарен инспекторат вечерва при контрола по дојава, не го затекнале бендот во живо кој во холот на трговскиот ги забавувал посетителите на „Сити мол“. Попладнево, откако затворија кафулињата и рестораните, во 18 часот, трговскиот центар се преполни, а посетителите ги забавуваше бенд во живо и покрај забраната за настапи на музички уметници на отворен и во затворен простор. Директорот на Инспекторатот, Стојко Пауновски најавува најстрога казна доколку им се повтори настап во живо.
„Ќе го затвориме целиот трговски центар доколку им се повтори бенд во живо да настапува. Вечерва инспекторите веднаш по дојавата отидоа на лице место, но забавата со бендот била завршена. Разговарано е со директорката која објаснувала дека уметниците седеле и дека имало контрабас, а не знаеле дека и такви настапи се забранети. Бидејќи не затекнале прекршување, инспекторите на директорката и објасниле дека секаков вид јавни настапи на уметници се забранети и укажале дека доколку им се повтори јавен настап, ќе го затвориме трговскиот“, изјави директорот Пауновски за „А1он“.
Три девојки качени на бина попладнево со новогодишни песни ги забавуваа купувачите во „„Сити мол“, а нивниот настап предизвика голем револт кај уметниците кои настапуваа по ресторани и кафулиња, кои од октомври не смеат да настапуваат.
Голем дел од граѓаните пак коментираат дека бадијала се затвораат кафеани кога метежот се прелева во трговски центри и сметаат дека истовремено со кафулињата треба да затвораат и трговските центри. Од снимките објавени вечерва од „Сити мол“, покрај бендот во живо, се гледа и метежот поради кој одржување безбедно растојание од два метра е невозможно.
Од синоќа на сила стапи заострена мерка која им го скрати работното време на угостителите за три часа па тие веќе втор ден затвораат во 18 место како досега во 21 часот.
Забраната за јавни настапи на уметниците, пак, на отворен и на затворен простор е од 21 октомври кога Владата почна да ги заострува мерките во налет на есенскиот бран на коронавирусот.