Во тек е расправата на Советот на Град Скопје за Предлог-Буџетот на Градот за 2021 година. Поднесени се вкупно 121 амандман, а за еден амандман да биде изгласан, како што се посочи на почетокот на седницата, потребно е да добие поддршка од вкупно 23 советници.
Градоначалникот Петре Шилегов на седницата ги најави најприоритетните проекти што ќе бидат опфатени со Буџетот за 2021 година. Дел од проектите, како што посочи тој се, паметното осветлување и дигитализација на Градот, продолжување со изградбата на Луна Паркот, довршување и отпочнување со изградба на значајни булевари во Градот, реконструкција на Универзална сала, одржување и реконструкција на кејот на реката Вардар од двете страни, изградба на спортско рекреативни содржини на отворено на повеќе локации, како и изградба на велосипедски патеки.
Тој информира дека Предлог-Буџетот за 2021 е изготвен согласно законски утврдените рамки и истакна дека е повеќе од јасна избалансираноста на буџетот помеѓу потребите наспроти ограничените ресурси.
– Основната цел на Буџетот за 2021 е да се насочат ограничените средства кон најприоритетните проекти, но и да овозможат услови за извршување на основните надлежности на Град Скопје, нагласи тој.
Со Буџетот за 2021, дополни, се предвидени и средства за непречено извршување на надлежностите односно непречено фунцкионирање на Градот. Меѓу овие проекти, како што посочи, се летно и зимско одржување на улиците, одржување на јавна чистота, третирање на бездомни кучиња, помагање во работењето на јавните претпријатија, исплата на средства за инвертер клими, како и реализирање на културни и спортски манифестации.
Согласно со направените проценки и анализи, со Предлог-буџетот на Град Скопје за 2021 година се предлага износ од 7,2 милијарди денари вкупни приходи и други приливи. Во предлогот, како што информираше Град Скопје, се планира и дел од вишокот приходи остварен во минатите години, во износ од 477 милиони денари.
Споредено со 2020 година, предложениот буџет на Град Скопје за 2021 година, се намалува за 8,5 посто.
На денешната седница советниците ќе гласаат и за Развојниот план за изградба и одржување на паметно јавно осветлување на улици во надлежност на Град Скопје и платформа за паметен град на подрачјето на Град Скопје за период (2021-2023).