Претседателот на Покраинскиот парламент на Хесен – СР Германија – Борис Рајн попладнево на специјална церемонија им ја додели Хесенската наградата за мир за 2020 на премиерот Зоран Заев и на поранешниот премиер Алексис Ципрас.
Поради пандемијата со КОВИД-19, наградата за мир од Хесен на Фондацијата Алберт Освалд, оваа година се додели за прв пат во дигитална форма. Премиерот Зоран Заев својот дел од наградата во висина од 25.000 евра го донира во Солидарниот фонд (Фонд за помош и поддршка за справување со кризата предизвикана од коронавирусот КОВИД-19). Меѓу лауреати на оваа многу значајна награда е и Далај Лама.
„Со Хесенската награда за мир, ние им оддаваме чест на две лица кои водеа кампања за мир и меѓународно разбирање и кои успеаја да решат конфликт што влече корени длабоко во историјата“, рече претседателот на Покраинскиот парламент, Борис Рајн.
„Како тогашен грчки премиер и премиер на Македонија, двајцата постигнаа договор во повеќедеценискиот конфликт меѓу нивните земји Грција и Македонија околу името „Македонија“. Постигнаа вистински дипломатски подвиг што никој досега не го сторил. Без нив, спорот за името што трае од осамостојувањето на Македонија во 1991 година ќе продолжеше да тлее и спорот меѓу двете соседни земји ќе продолжеше да го дестабилизира целиот балкански регион. Скоро триесетгодишниот спор за името меѓу Република Македонија и Грција беше мирно решен на 12 февруари 2019 година со договор. Пронајден е компромис, во иднина името на новосоздадената држава во 1991 година да биде „Република Северна Македонија“. За прв пат започна период на добрососедски односи и се отвори патот за Северна Македонија како сојузник во НАТО и партнер во Европската Унија. И овој успех има влијание далеку надвор од регионот. Мировниот договор испраќа сигнал до светот. Не постои само правото на најсилниот. Дури и во денешниот свет сè уште постои патот на почит и компромис, патот на мирот и стабилноста. И со тоа, победниците не направија ништо помалку од тоа да го продолжат европскиот пат на одличен начин без да мора да се откажат од националниот идентитет“, потенцираше претседателот на Покраинскиот парламент.
„Зоран Заев и Алексис Ципрас отстапија од моделот на инсистирање на максимални позиции и исклучување на договор како пораз или предавство. Притоа, тие ја загрозија нивната политичка кариера и мораа да преговараат за бројни компромиси и отстапки во рамките на нивните парламенти. Договорот е поврзан со надеж за добра соработка и партнерство меѓу Северна Македонија и Грција. Решавањето на споровите е пример за помирување на регионот и Европа како целина“, рече членот на одборот, професор др. Никол Дајтелхоф.
Претходните добитници на Хесенската награда за мир:
1994 Маријана Хајберг-Холст, Норвешка
1995 Џон Хјум, Северна Ирска
1996 Грегорио Роза Чавез, Салвадор
1997 Ханс Кошник, Германија
1998 Александар Лебед, Русија
1999 Џорџ Ј. Мичел, САД
2000 Марти Ахтисари, Финска
2001 Макс фон дер Стоел, Холандија
2003 Лахдар Брахими, Алжир
2004 Ханс Бликс, Шведска
2005 Неговата Светост 14-ти Далај Лама
2006 Даниел Баренбоим, Израел
2007 Кристијан Шварц-Шилинг, Германија
2008 Сем Нан, САД
2009 Деха Ибрахим Абди, Кенија
2010 Исмаил Хатиб, Палестина
2011 Садако Огата, Јапонија
2012 Елизабет Декри Варнер, Швајцарија
2013 Д-р Мухамед Ашафа и д-р Џејмс Вује, Нигерија
2014 Рубем Сезар Фернандес, Бразил
2015 Ела Михајловна Полјакова, Русија
2016 Федерика Могерини, Италија
2017 Карла дел Понте, Швајцарија
2018 Проф. Шебнем Корур Финканчи, Турција
2019 Д-р Абиј Ахмед, Етиопија