Гасификацијата на сите општини во државата ќе чини околу 350 милиони евра, најави денеска Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски. Тој забележа дека ова се првични проценки и анализи, а на тендерот кој го распиша Министерството за економија интерес пројавија две компании.
-Приватни партнери коишто ќе работат на оваа проблематика заедно со државата, со општините со цел да имаме уште еден паралелен енергенс и со тоа да ги намалиме сметките на граѓаните, на компаниите, на нашите институции, на градинките, на школите, на општините и на сите останати институции. Со тоа ќе бидат поконкурентни сите наши институции, ќе бидат поконкурентни нашите домашни компании и секако ќе имаме почиста и поздрава животна средина за граѓаните, рече Бочварски.
Се очекува во 2021 година да заврши кракот кон Битола и кракот кон Гостивар, а паралелно со тоа веќе се работи преку Национални енергетски ресурси на проектирање на гасоводот кон Косово и проектирање на гасоводот и поврзување со Грција.