Во рамки на манифестацијата закажана за на пладне највиските општински награди и признанија на годишните лауреати ќе им бидат врачени без присуство на гости во Големата сала на Општина Охрид.
Највисоката награда „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ што ја доделува градот Охрид и Градоначалникот оваа година и припадна на професор, академик Вера Битракова – Грозданова каконеуморен истражувач, универзитетски професор и еминентен научник од областа на археологијата и историјата на уметноста.
Академик Вера Битракова – Грозданова е родена на 19 јули 1939 година во Охрид. Во родниот град го завршува основното и гимназиското образование, дипломира, магистрира и докторира на Филозофскиот факултет во Загреб на тема „Ранохристијанските споменици во Охридскиот регион“. Од 1975 година до пензионирањето е професор на Филозофскиот факултет на Институтот за историја на уметноста и археологија на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а за редовен член на МАНУ е избрана во 2009 година.
Во текот на работниот век учествувала во многу археолошки истражувања, особено во Охрид, има објавено околу 150 научни и стручни трудови и учествувала на бројни студиски престои во Франција, Германија, Грција, Бугарија, Албанија и други земји, а била учесник на бројни меѓународни научни собири. Академик Вера Битракова- Грозданова е носител на повеќе научни и општествени признанија меѓу кои се наградата „Гоце Делчев“, престижната европска награда Herder-Preise и наградата „Климент Охридски“ .
Оваа година добитници на повелбaта „Патрон на градот „Св. Климент Охридски“ што ги доделува Советот на Општина Охрид за 2020 година се ЈЗУ „Општа болница“ како главен носител на борбата со пандемијата на Ковид 19 за посветеноста, стручноста и пожртвуваноста на сите вработени во установата, потоа д-р Мимоза Влаши Хиса – специјалист по гинекологија и акушерство, раководител на Одделот за гинекологија, акушерство и неонатолошка опсервација во ЈЗУ „Општа болница“ – Охрид- заради нејзиниот ентузијазам, издржливост, посветеност кон пациентите и соработка со колегите, како и проф. д-р Рубин Земон, социо – културален антрополог, долгогодишен активист во невладиниот сектор за промоција на мултикултурализмот и толеранција, на богатото културно наследство на Охрид, заштитата на културното и природно наследство, еминентен научник во општествените науки и универзитетски професор.
Инаку, по повод патрониот празник на градот 8 декември, Денот на Св. Климент Охридски, Министерство за култура и Национална установа „Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Охрид“, овозможува слободен влез за посетителите во археолошките локалитети Самуилова тврдина, Залив на коските и Музеј – Куќа на Робевци.