Литвански конзервативен пратеник познат по својата хомофобија и нападите врз ЛГБТ-луѓето е во незгодна ситуација откако за време на онлајн состанок пренесуван во живо на Јутјуб, бил снимен во друштво на полугол маж, јавуваат локалните медиуми.
Петрас Гражулис, кој со години е меѓу најистакнатите анти-геј политичари во балтичката земја, бил на конференциски состанок на парламентарна комисија организиран преку Зум, а имал технички проблеми со камерата. Во еден момент, кога неговиот сигнал повторно се вклучил, заедно со Гражулис во кадарот се нашол и непознатиот човек, кој изгледа како да помага околу проблемите со врската (13:45 на снимката).
Човекот гол до појасот бил во кадарот само неколку секунди, по што Гражулис пак се исклучува, а на следното вклучување повторно е сам пред камерата.
Но, снимката брзо се прошири на социјалните мрежи, а политичарот, запрашан околу случајот, прво кажал дека тоа е неговиот син, за потоа цинично да тврди дека човекот во чие друштво е снимен е Андриус Тапинас, новинар кој го прогонувал со месеци.
„Тој секаде ме прогонува, не е чудо што успеал да стигне и тука“, изјави пратеникот следниот ден.
Претседателот на парламентарната комисија Витаутас Јуозапаитис вели дека не го видел полуголиот човек за време на состанокот.
„Секако, би можело да се каже дека тоа е нечиј приватен живот, но таа личност беше и дел од состанок на Парламентот, а а други луѓе, без никакво сомнение, можат да влијаат врз одлуките на пратениците и да претставуваат опасност за нивниот интегритет. Веројатно тоа бил член на неговото семејство кој му помагал на Гражулис да се поврзе на состанокот, можеби имал технички проблеми, изјавил Јуозапаитис.
Случајот со литванскиот пратеник доаѓа само неколку дена откако изби голем скандал кога унгарскиот десничарски европратеник Јозеф Сајер, кој е еден од основачите на Фидес, владејачката партија во земјата, беше фатен како учествува во геј секс забава со 25 луѓе во приватен стан во Брисел, спротивно на важечките здравствени прописи воведени како заштита против ширењето на коронавирусот.
Сајер поднесе оставка на функцијата во Европскиот парламент откако во јавноста се дозна за неговото апсење.