Поддршка за реализација на инфраструктурни проекти во Општина Охрид, како и решавање на состојбите на крајбрежјето, најави денеска министерот за транспорт и врски Благој Бочварски во тек на првата посета на оваа општина по стапувањето на функцијата и средбата со градоначалникот Константин Георгиески.
Бочварски потенцираше дека има повеќе заеднички проекти на кои се работи со Општина Охрид, како што е проектот за ул. „Македонски просветители“, којшто е влезен во вториот тендер со проектите од Светска банка, проектантско и модерно решение што ќе биде пример за Охрид и за привлекување туристи. Зборувале и за рехабилитација на патот кон Свети Наум и дел од делницата да влезе во програмите на Јавното претпријатие за државни патишта со цел да се овозможи реонот подобро да функционира, како и активностите за изградба на автопатот Кичево-Охрид, од кој најавува дека 20-ина километри ќе бидат пуштени до крајот на следната година.
-Отстранети се крупните проблеми, имаме готова проектна документација, со испроектирани осум клучки, со нови косони, со сите дополнителни препроектирања. Репроектирани се 25 отсто од трасата Кичево-Охрид, од тој аспект сега имаме добри проекти и останува процесот на решавање на инфраструктурните проекти во Министерството за транспопрт и врски, рече Бочварски.
На изградба на трасата, дополни, се ангажирани над 800 работници и 450 градежни машини. Во втората половина од годината за шест пати е зголемен обемот на работа бидејќи се решаваа проблемите, временските услови досега добро не служеа, а во зимскиот период можеби ќе се намали работата,
Со градоначалникот, информираше, разговарале во текот на следната година Министерството за транспорт и врски да ја преземе, како што рече, обврската да го реши крајбрежниот појас.
– Се она што е надвор од генералниот план на целото Охридско крајбрежје, тоа ќе биде еднакво урбанизирање со што ќе го решиме и проблемот со дивите плажи. Уште од самиот старт работиме на суштински прашања и проблеми што ги мачат граѓаните, рече Бочварски.
Со последниот ребаланс на Буџетот, дополни тој, се обезбедени шест милиони денари како капитална дотација од Владата за Општина Охрид за справување со препораките од УНЕСКО.