Деновиве дојдов до еден многу интересен податок.Уште во 1992 година, во период на распадот на поранешна Југославија и создавање на нови држави, во Австриските дневни новини „KleineZeitung“ (Mали Новини ) биле објавени новите меѓународни телефоски кодови за земјите што ќе настанат со распадот на СФРЈ. Па така на меѓународниот код што дотогаш го имаше Југославија, 00 38 се додаде трета бројка за означување на новонастаната држава и тоа ;
00 38 1 Сојузна република Југославија, кој подоцна ќе остане код на Република Србија, па три празни места и тогаш, 00 38 5 Хрватска, 00 38 6 Словенија 00 38 7 Босна и Херцеговина па пак празно место и на крај 00 38 9 Македонија.
Со осамостојување на Црна Гора бројот 00 38 2 и припадна неа , а 00 38 3 го доби новоформираната Република Косово. И сега останаа уште слободни 00 38 4 и 00 38 8 ?
Се прашувам во таа далечна 1992 година, дали тие ‘‘Мали Новини‘‘ навистина биле толку информирани и однапред ги предвиделе случувањата во тие бурни времиња на осамостојувањето на сите бившо – Југословенски Републики, кои одеа како контра процес на обединувањето на Европските држави во Унијата, или тоа беше режија на туѓи интереси, под оправдание дека се работи за национални интереси. И ако се работело за национални интереси тогаш кои од тогашните народи си ја оствариа целта ?
Република Македонија и до ден денеска не се здоби со меѓународно признато име, уште сме под референца, и уште наводно се бориме за признавање под уставното име. Дали некој навистина се бори, или одигрува агенда на нечии туѓи интереси е прашање кое крајно време е да си го поставиме. Ако убаво ги читаме телефонските кодови, на многумина ќе им стане јасно за кого е наменет 38 4 а за која варијанта е планиран 38 8 е прашање кое треба да не загрижи. Иако наизглед тоа се само броеви, сепак тие се доделуваат по некоја логика од каде можеби може да се види каква судбина ни се планира.
Дали во Македонија конечно постои критична маса за создавање на таа долго сонувана национална држава на Македонски народ, или уште сме народ и територија за поткусурување на туѓи интереси? Дали затоа пропадна и пописот пред две години, за да вистината не излезе на виделина? Дали затоа ни се замаглува стварноста со квази проблеми од типт, кодекс на однесување и облекување на доктори и медицински сестри, со екстерно тестирање во школство, со формирање на нови партии од ислужени и преобразени политичари и се само да не се судриме со вистинските проблеми од чие решавање иднината ни зависи.
Во последно време албанскиот коалиционен партнер на власта истрча со недвосмислени барања за конечно решавање на спорот како единствена логична политика за трајно етаблирање на нашата држава на меѓународна сцена. Дали и овој пат најзагрижените од власта, кои барем така се декларираат, ќе продолжат да водат ноевска политика одработувајки нешто чиа цел само ним им е позната? Дали државата ќе добие конечно шанса да стане рамноправна со останатите во светот, дали народот конечно ќе почувствува дека има надеж за перспективна држава, држава од која граѓаните нема да бегаат по бел свет како резултат на погрешно водената политика? Дали ќе дојде ден кога младите со насмевка ќе одат во школо или на работа, работниците безгрижно на работа, а пензионерите ќе уживаат од резултатите на свој минат труд? Зарем такви ,држави не постојат, зарем секогаш некој друг ни е крив за сопствено незнаење и неспособност? Многу прашања, но одговорот сигурно лежи тука кај нас.
Убеден сум дека големите промени не се плод на случајност, туку се брижно и обмислено планирани и спроведени. Работата е само дали тие што не водат ги спроведуваат идеите и желбите на народот, или играат по нечие туѓо сценарио за да си го задоволат само сопствениот апетит а се во име на народот. Народе, размисли дали навистина сами носиме одлуки за нашата иднина, или тоа ни го прават некои други, а се во наше има и за наше добро.
Мирослав Трлин
член на ЦО на НСДП