Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ – „Заедно посилни“ – Скопје, и годинава организира активности за подигнување на свесноста за ХИВ-инфекцијата.
За таа цел, Здружението промовира краток видео-спот со 15-тина јавни и влијателни личности, кои ги пренесуваат најважните пораки за ХИВ, што секој човек треба да ги знае во денешно време.
– Со ХИВ можеш да живееш еднакво долго и квалитетно, како и без ХИВ. Важно е да дознаеш што порано и редовно да примаш терапија“, „Кога луѓето со ХИВ редовно ја примаат терапијата, вирусот станува недетектабилен и не може да се пренесе на друго лице преку сексуален однос, „ХИВ-позитивна мајка може да роди ХИВ-негативно бебе“, се дел од пораките што се пренесуваат во видео-спотот и во кампањата на „Заедно посилни“.
Здружението промовира и едукативна стрип-приказна за искуството на едно младо лице во дознавањето на својот ХИВ-позитивен статус.
– Оваа стрип-приказна е развиена од млади луѓе коишто самите живеат со ХИВ и се членови на „Заедно посилни“ и ги отсликува дилемите, стравовите и соочувањето со нив на главниот јунак пред да направи тест и по дознавањето на својот статус. Таа, исто така, го илустрира и достапниот систем за поддршка на луѓето со ХИВ во рамките на институциите и на ниво на заедницата, појаснуваат од здружението.
Печатената верзија на стрипот ќе биде дистрибуирана бесплатно преку повеќе организации и локали, а може да се подигне и од просториите на Здружението во Дебар Маало. Електронското издание ќе биде промовирано преку социјалните медиуми и ќе може да се преземе од сајтот на „Заедно посилни“.
Здружението се приклучува на Европската недела на тестирањето и нуди секојдневни услуги за бесплатно и анонимно тестирање од 16 до 20 часот во периодот од 25-30 ноември.
– Секој заинтересиран ќе може да го провери својот ХИВ-статус за време од 30-тина минути, а за тоа не се потребни документи за лична идентификација. Посетителите, исто така, може да добијат сеопфатни и современи информации во врска со заштитата од ХИВ, односно живеењето со овој вирус и неговото лекување, како и други информации во врска со сексуалното здравје, соопштија од Здружението.
Здружението органира и отворен ден за одбележување на Светскиот ден на СИДА на 1 декември во “Short bus”.
Активностите се овозможени со поддршка од Министерството за здравство – Програма за заштита на населението од ХИВ-инфекција за 2020 г., Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА и програмата Цивика Мобилитас. Годинава, со поддршка во активностите на ЗАЕДНО ПОСИЛНИ се придружи и Ротари клубот „Скопје – Камен мост“.