Европскиот парламентот е длабоко загрижен за состојбата со слободата на медиумите во ЕУ и ги осудува насилството, малтретирањето и притисокот со кои се соочуваат новинарите.
Во резолуцијата усвоена со 553 гласа „за“, 54 „против“ и 89 „воздржани“, Парламентот се осврнува на „обидите на владите на одредени земји-членки да ги замолчат критичните и независни медиуми и да ги поткопаат слободата на медиумите и плурализмот“. Европратениците се особено загрижени за состојбата со јавните медиуми во некои земји на ЕУ, каде што тие станаа „пример за провладина пропаганда“.
Европратениците сметаат дека слободата на медиумите и плурализмот и независноста и безбедноста на новинарите се суштински компоненти на правото на слобода на изразување и информирање и неопходни за демократското функционирање на ЕУ. Според резолуцијата, „слободата на медиумите се влоши во последните години“, а пандемијата КОВИД-19 го засили овој пад.
-Денес сме сведоци на уништување на демократијата, заземање на власта преку лаги. Нема слобода без независност на медиумите, нема демократија без медиумски плурализам. Медиумите мора да и служат на вистината, а не на лагата. Тие мора да бидат во служба на гласачите, а не на оние што се на власт. Тие мора да помогнат во контролата на моќта. Тие мора да ја заштитат демократијата, но можат и да ја убијат. Ова е причината зошто медиумите мора да бидат независни, нагласи известувачот, полската европратеничка Магдалена Адамович од групата на Европските народни партии.
Европратениците понатаму посочуваат на „растечкиот тренд на заплашување за замолчување на новинарите“ и ги наведуваат убиствата на Дафне Каруана Галиција и Јан Куцијак и неговата свршеница како потсетник за ризиците со кои се соочуваат истражувачките новинари. Тие ги повикуваат јавните личности да се воздржат од дискредитација на новинарите и да инсистираат на законска обврска да се испита секој напад. Европратениците, исто така, посочуваат дека жените новинари се особено ранливи и треба да имаат корист од дополнителна заштита.
Резолуцијата на ЕП нагласува дека кога медиумите се во рацете на премалку луѓе, плурализмот е загрозен, што го отежнува борбата против ширењето на дезинформации. Европратениците ги повикуваат земјите од ЕУ да преземат мерки за да се избегне прекумерна медиумска концентрација и да се обезбеди нивна транспарентност. Тие ги обвинуваат владите за нивното прекумерно мешање, вклучително и преку рекламирање, и јасно ставаат до знаење дека средствата од ЕУ не треба да се трошат на медиуми контролирани од владата или на политичка пропаганда.
Во врска со ова, Парламентот ја повикува Комисијата да ја процени транспарентноста на сопственоста на медиумите, како и приватното и владиното мешање во секоја земја-членка, како дел од годишното оценување на владеењето на правото. Европратениците инсистираат дека обидите за поткопување на слободата на медиумите и плурализмот треба да се сметаат за сериозна и систематска злоупотреба на моќта што е спротивна на основните вредности на ЕУ.
Европратениците посакуваат посилна законска рамка за спречување и спротивставување на зголемувањето на говорот на омраза преку Интернет. Тие сакаат подобра соработка помеѓу онлајн платформите и агенциите за спроведување на законот. Тие нагласуваат дека доброволните мерки преземени од платформите се „неопходни, иако сè уште недоволни“ за борба против дезинформациите, незаконската содржина и мешањето од странство. Сепак, платформите „не смеат да станат приватни тела за цензура“, а нивните активности за отстранување на нелегална содржина секогаш мора да бидат предмет на заштитни мерки.
Конечно, усвоениот текст ја потенцира загриженоста во врска со странското мешање насочено кон поларизирање и елиминирање на плурализмот. Резолуцијата исто така предупредува на потенцијалните штетни последици од манипулирање со информации поврзани со пандемијата со КОВИД-19.