Македонската кошаркарска репрезентација ќе биде ослабена на средбите со Естонија и Италија, откако лекарите дадоа препорака Ненад Димитријевиќ да не патува во Талин.
– По вчерашните детални прегледи кои Ненад Димитријевиќ ги направи во клиниката ‘Жан Митрев’ во Скопје, препораките на медицинските лица кои ги реализираа, се дека во овој момент, тој не е во можност максимално да тренира и да се натпреварува, и да одговори на барањата и пред сè, напорите кои со себе ги носат патувањето до Талин, тренинзите и одигрување на два натпревари во така краток временски период. Особено што, како што потенцираа докторите, Димитријевиќ се враќа по прележувањето на вирусот Covid-19, а поради кој мораше да има дополнителен лекарски, односно болнички надзор во период од две недели, соопшти Тодор Гечевски, спортски директор на македонските репрезентации.
Гечевски уште еднаш сака да потенцира дека здравјето на нашиот млад репрезентативец е пред било кој настап, тренинг или играње на некој натпревар.
– Од тие причини, а првично, пред сè, поради здравјето на Нено, нормално и во интересот на македонската репрезентација, чиј дел треба да биде во наредните 10-15 години, ние како раководен тим во федерацијата, заеднички одлучивме дека тој не треба да патува. Туку дека под лекарски надзор, полека треба да им се враќа на оние нормални спортски, кошаркарски активности, за да дојде во ситуација повторно да биде оној што беше пред да дојде во ваква ситуација која ја предизвика коронавирусот. Да тренира и игра најдобро што знае и умее, вели Гечевски во изјава за веб-страницата на КФСМ.
Квалификацискиот турнир во Талин ќе се игра од 28 до 30 ноември.