Фудбалерот на Борусија Дортмунд Роберт Левандовски од наредната сезона ќе игра за Баерн Минхен, потврди еден од неговите менаџери Чезаре Кучарски.
– Роберт на лето ќе замине во Барен. Тој сака да оди и тоа ќе се случи. Само е прашање на време. Сето тоа може да се заврши за недела или две. Чекаме сигнал од клубот и работиме на трансферот. На Роберт му е потребен нов предизвик, да биде опкружен со нови играчи и тренер, изјави Кучарски.
По саботното финале во Лигата на шампиони во кое Баерн ја совлада Борусија со 2:1, тренерот на „баварците“ Јуп Хајнкес го навести доаѓањето на Левандовски.
Договорот на полскиот напаѓач со Борусија истекува во јуни 2014 година. Левандовски годинава во дресот на Борусија одигра 48 натпревари и постигна 36 голови.