Почина Дејвид Динкинс, единствениот црнечки градоначалник на Њујорк

Од:

Дејвид Динкинс, првиот и досега единствен црнечки градоначалник на Њујорк, почина во понеделникот во својот дом во 93-та година од животот, соопшти њујоршката полиција.

Динкинс имаше историска победа во 1989 година како прв црнечки градоначалник на Њујорк, која набрзо беше помрачена со раст на невработеноста, криминалот и расни безредија, поради што и не беше повторно избран.

Динкинс е роден во 1927 година во Њу Џерси, во семејство на бербер. Образованието го стекнал на историскиот црнечки универзитет Хоуард и на правниот факултет во Бруклин.

Градоначалничката должност ја извршуваше во периодот од 1990 до 1993 година. Неговиот наследник на должноста, Рудолф Џулијани му оддаде почит на Твитер истакнувајќи дека Динкинс „посветил голем дел од својот живот во служба на нашиот прекрасен град“.

„Таа негова служба сите ја почитуваат и му одаваат почит“, напиша Џулијани.

Во времето кога ја преземаше градоначалничката должност, Динкинс го опиша Њујорк како „величествен мозаик од раси и вери, национално потекло и сексуални ориентации, поединци чиишто семејства пристигнале вчера или пред неколку генерации, доаѓајќи преку островот Елис или аеродромот Кенеди, или во автобусите за пристанишната капетанија“.

Меѓутоа, „Големото јаболко“ во тоа време го мачеа бројни проблеми, растечка невработеност и бездомништво, зголемување на стапката на убиства и криминал, како и расни безредија.

Динкинс го заживеа Тајмс Сквер и потроши милиони долари за санација на становите во некои од најзагрозените делови на градот, како што беа Харлем и Бронкс. Неговиот пристап е опишуван како „тивок и понекогаш премногу мек“.

Во мемоарите објавени во 2013 година, Динкинс ги призна погрешните чекори во текот на својот мандат. Сепак, фактот што победата на изборите за градоначалник во 1989 година беше тесна и што по четири години беше поразен од Џулијани, го објасни со тоа што е црнец.

„Мислам дека тоа беше само расизам, чист и едноставен“, вели Динкинс во книгата „Животот на градоначалникот: Владеењето со њујоршкиот величествен мозаик“.

Би можело да ве интересира

САД: Судири на пропалестински протести, приведени околу 300 студенти

Земјотрес со јачина од 4,1 степени според Рихтер го погоди Лос Анџелес

(ВИДЕО) Полицијата во САД усмрти ученик пред училиште откако доби информација дека има пиштол

Хамас: САД вршат притисок да го прифатиме договорот со Израел

А1он

Вучиќ за негодувањето на САД што нови министри се на американската црна листа: Тоа е изборот на граѓаните на Србија

Предраг Петровиќ

ВИДЕО: Студентите на пропалестинските протести во Тексас се судрија со полицијата

Катерина Ѓуровски