Макрон: Не разговараме со терористи

Од:

Францускиот претседател Емануел Макрон уште еднаш го потврди целосното спротивставување на Франција, воено ангажирана во Сахел, за какви било преговори со џихадистите, во моментот кога на оваа тема се расправа во регионот, особено во Мали.

-Со терористите не разговараме. Ние против нив се бориме, рече тој во интервју за неделникот „Млада Африка“.

„Ние мора да останеме на правците зацртани со договорите на Алжир“, подвлече Макрон во врска со мировните договори склучени во 2015 година меѓу централната власт на Мали и поранешните вооружени групи што произлегоа од бунтот на Туарезите.

-Овие договори предвидуваат дијалог со различни политички и автономистички групи. Но, тоа не значи дека треба да разговараме со терористички групи, кои продолжуваат да убиваат цивили и војници, вклучително и наши војници, додаде тој.

Исламистичките групи поврзани со Ал Каеда и организацијата Исламска држава (ИД) не ги потпишаа овие договори и ги продолжија, па дури и ги интензивираа своите активности во последните пет години, убивајќи стотици лица.

Преодниот премиер на Мали, Моктар Оуан, при посетата на шефот на француската дипломатија Жан-Ив Ле Дриан, на Бомако, на 26 октомври, истакна дека инклузивниот национален дијалог, многу јасно укажа на потребата од понуда за дијалог со вооружените групи џихадисти.

-Едноставно забележувам дека преодните власти ја повторија својата желба да се борат ефикасно против тероризмот, забележа од своја страна Емануел Макрон.

Францускиот претседател посочи дека во следните месеци ќе има решенија за еволуцијата на Баркане, односно над 5.000 француски војници присутни во Сахел. Одлуката досега се очекуваше до крајот на годината.

Речиси една година откако испрати 600 дополнителни војници во Сахел за да ја поврати предноста против џихадистите, Париз е на прагот да го намали бројот на распоредени војници.

-Потребно ми е јасно повторување на желбата на нашите партнери да ја видат Франција да остане покрај нив, рече францускиот претседател, кој веќе побара ваква обврска од неговите колеги во Г-5 Сахел (Мали, Буркина Фасо, Нигер, Чад, Мавританија) на самитот во По (југозападна Франција) во јануари.

Во денеска објавеното интервју францускиот претседател ја осуди и стратегијата на Русија и Турција за поттикнување на антифранцуското расположение во Африка, играјќи на постколонијалното незадоволство.

-Постои стратегија на работа, понекогаш водена од африкански лидери, но пред се од странски сили, како што се Русија или Турција, кои играат на постколонијално незадоволство. Не смееме да бидеме наивни: многу од оние што даваат глас, што прават видеозаписи, кои се присутни во медиумите што зборуваат француски, се стипендирани од Русија или Турција, рече францускиот претседател.

Би можело да ве интересира

Макрон: Треба да изградиме Европа која ќе биде одбранбена и способна

Макрон: Треба да се запре продажбата на оружје што се користи во Газа

Уапсен сопственикот на Телеграм

Француски суд осуди 12-годишно момче: Виновен е бидејќи го бранел тероризмот

(ВИДЕО) Спречен е терористички акт во Австрија, уапсен млад маж од Македонија

Горан Наумовски

ВИДЕО: Макрон во одбрана на уметниците кои добиваат смртни закани за отворањето на Олимписките игри