Гаревски: Афтершокови се очекувани, земјотресот не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро

Од:

Земјотресот од пет степени според Рихтервата скала, кој рано утрово се почувствува во земјава е нормална сеизмичка активност на раседот Дебар – Елбасан, а нови потреси, но со помал интензитет се сосема очекувани, вели за „А1он“ професорот Михаил Гаревски, директор на Институтот за земјотресно инженерство и климатски промени. Европско – медитеранскиот сеизмолошки центар по првиот најсилен земјотрес, во Македонија бележи уште четири земјотреси со јачина од 2,8 до 3,8 степени според Рихтер.

„Ваков земјотрес не е за изненадување. Тој расед Дебар – Гостивар – Елбасан е континуирано активна зона. Очекувани се афтершокови. Земјотрес со јачина од пет степени според Рихтеровата скала, како овој од утрово, носи со себе последователни, но послаби потреси. За очекување се најмалку 5 – 6 афтершокови“, вели директорот Гаревски за „А1он“.

Европско – медитеранскиот сеизмолошки центар по првиот најсилен земјотрес, во Македонија забележа уште четири помали потреси

Според јачината, овој земјотрес е сличен на оној во Охрид од 2017 година, а не е поврзан со ниту еден од земјотресите кои се случија во последно време во регионот.

„Последниот посилен земјотрес во таа зона е земјотресот во Дебар д 1967 година, со магнитуда 6.4-6.5. Земјотреси со ваква магнитуда во оваа раседна зона може да се очекуваат еднаш на 30 – 40 години. Земјотресот не е поврзан со ниту еден друг земјотрес што се случил во околината. Се работи за нормална сеизмичка активност која не би требало да направи штета на конструктивните делови на објектите, па дури ниту на преградните ѕидови на објектите близу епицентарот“, смета директорот Гаревски.

Тој категорично ја исклучи можноста земјотресот да се поврзе со полнењето на Мавровското Езеро, по сомневањата кои се појавија во јавноста.

„Земјотресот не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода. Сметам дека е тектонски, не индуциран. Индуцирани земјотреси се појавуваат при нагло полнење или празнење на езерата, таков случај имавме на Козјак, но овде тлото е релаксирано, езерото постои долго време. Тврдам дека земјотресот е од тектонско потекло“, објаснува Гаревски.

„Земјотресот не е поврзан со полнењето на Мавровското Езеро со вода, тврдам дека е од тектонско потекло“, вели Михаил Гаревски, директор на Институт за земјотресно инженерство и климатски промени.

Земјотресот од пет степени според Рихтер, со епицентар кај Леуново, до Мавровското Езеро, се случи утрово во 4.54 часот. Предизвика паника кај граѓаните од речиси сите градови во Македонија кои се пожалија дека ги разбудил, а бил почувствуван и во Албанија, Косово и Србија. Во Центарот за управување со кризи нема пријавени штети од земјотресот.

Би можело да ве интересира

Земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Земјотрес почувствуван утрово во Дојран

ВИДЕО: Снимки од силните земјотреси во Куба, паника насекаде

Предраг Петровиќ

Сеизмолошка опрерваторија: Регистриран земјотрес од 2.8 степени по Рихтер

Силен земјотрес го погоди југот на Италија

Силен земјотрес го погоди Чиле