Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите ученици во основните и средните училишта низ Македонија да не потклекнуваат на провокации и повици за протест против екстерното тестирање кои, како што наведува во соопштението, се пласирани од одредени опозициски партии.
– Овие политички субјекти работат со намера да ги злоупотребат малолетниците – ученици во нивната себична желба за ситен политички поен. Лесно воочлив е фактот дека вакви манипулации со учениците се појавија доминантно во општини каде градоначалници се од опозициските партии и во училишта чиишто директори и професори се истакнати членови на тие политички субјекти. Истите тие кадри извршија злоупотреба на учениците во средните и основните училишта во Куманово и Струмица преку безмилосно искористување на малолетниците – ученици и нивно ставање во заблуда за процесот и значењето на екстерното тестирање. Главна причина зошто ова е поддржано од одредени политичари е нивната себична желба да профитираат на сметка на учениците, соопшти УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
Младинската организација на владејачката партија посочува дека на екстерното тестирање треба да се гледа како нешто што носи повеќекратни придобивки за општеството и обезбедува јасни статистички податоци кои потоа директно влијаат врз дизајнирањето на образовните политики на државата за сите ученици, наставници и училишта. Притоа нагласува дека екстерното тестирање во Македонија не е новина, зашто е најавено пред четири години, а од минатата година се спроведува пробно.
– Македонија го следи примерот на триесетина образовни системи од Европската Унија каде тоа е одамна применето, на пример Шведска во 62-та, Португалија во 47-та, Луксембург во 68-та година итн. Македонија во изминативе години вложи огромни напори и средства за подобрување на образованието и иднината на учениците во државата. Како никогаш досега се инвестира во иднината на младиот човек со надеж нашето општество да стане високо развиено и напредно. Не можеме да дозволиме развојот на Македонија да пропадне поради политичките интереси на одредени партии и нивните активисти. Иднината на младите зависи од сите нас, поради тоа се вложува во нови образовни процеси кои ќе го зголемат квалитетот и способноста на учениците да се справат со секакви предизвици во нивното понатамошно образование и работа, стои во соопштението на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ.