Спасувачките екипи речиси ја завршија потрагата по жртвите и преживеаните во гратчето Мор, кај Оклахома, кое беше погодено од разорното торнадо, во кое загинаа 24 лица, меѓукои девет деца.
По речиси 24-часовна потрага, шефот на противпожарната екипа Гери Бирд е уверен дека под урнатините повеќе нема тела на жртви или преживеани.
Локалните власти соопштија дека биле фокусирани на пребарувањето и оти сега претстои да се утврди размерот на штетата, која ја причини силното торнадо.
Засега се уште не е утврдено колкукуќи се урнати и колкусемејства се раселени.
Итните служби имаат проблеми со движењето низ гратчето и ориентацијата, бидејќи торнадото ја уништи сообраќајната сигнализација и таблите.
Билансот на загинатите во торнадото е намален од 51 лице на 24, бидејќи некои жртви биле по два пати изброени.
Во локалните болници помош им е пружена на повеќе од 200 лица.
Гери Бирд изјави дека од вчера попладне секоја оштетена куќа во Мор е прегледана најмалку по еднаш.
Тој истакна дека неговата цел била секој објект да се пребара три пати за да се утврди со сигурност дека нема повеќе тела, ниту преживеани под урнатините.
Тој додаде дека од понеделникот вечерта не е пронајдено ниту едно тело и ниту едно преживеано лице.
Во меѓувреме властите на скалата Фуџита, со која се мери јачината на торнадото, од нивото четири го прогласиле највисокото, петто ниво. Тоа е сторено по прелиминарните извештаи за сторената штета.
Торнадото на земјата беснееше 40 минути, со удари на ветрот со јачина од најмалку 320 километри на час.