„Денешната статистика за КОВИД-19 нѐ загрижува и нѐ допира сите. Тие бројки се личности, наши сограѓани, пријатели и роднини. Неминовна е потребата од поголема заштита од коронавирусот и спречување на негово ширење. Затоа ми е драго што вечерва Собранието на Република Северна Македонија ги изгласа новите мерки предложени од Владата, со кои маската на отворено станува задолжителна!,“ напиша вечерва премиерот Зоран Заев на својата страница на Фејсбук.
„Иако пратениците од опозицијата го кочеа носењето на овој значаен закон и гласаа воздржано, со мнозинство гласови и одговорноста на пратениците од мнозинството вечерва Собранието ги усвои измените на Законот за заштита на населението од заразни болести.
Сите имаме удел во оваа заедничка борба. Да се бориме и да се заштитиме себеси и нашите најмили со тоа што ќе ги почитуваме мерките. #ЗаштитиСе,“ додаде Заев.
Собранието вечерва со 53 гласа за и 26 воздржани ги изгласа законските измени, кои ќе стапат на сила утре, со објавување во Службен весник. Со измените во Законот за заштита на населението од заразни болести се овозможуваат низа нови заштитни мерки против ширењето на коронавирусот, меѓу кои е и задолжителното носење заштитни маски на отворен простор, со одредени исклучоци.