Заштитните маски стануваат задолжителни на отворено, Собранието ги изгласа законските измени

Од:

По куса, но вжештена расправа, Собранието вечерва со 53 гласови за, 26 воздржани и ниту еден глас против, ги изгласа измените во Законот за заштита на населението од заразни болести, со кои се овозможуваат новите заштитни мерки против Ковид-19 кои ги предлага Владата.

Станува збор за повеќе рестриктивни и заштитни мерки кои пред две недели ги најави министерот за здравство Венко Филипче, по скокот на бројот на нови случаи на Ковид-19 во земјава. Меѓу нив е задолжителното носење заштитни маски или заштитна опрема секаде при престој на отворено, забраната за групирање во домови на семејни прослави, слави и други собири во групи, на семеен настан во eден стан да може да се примат најмногу четворица луѓе, како и предлогот да се забрани групирање на повеќе од четири лица на јавен простор по 22:00 часот, односно да се забрани групирање по паркови, јавни површини или било каде на отворено.

Министерот Филипче, образложувајќи го законот, истакна дека новите измени произлегуваат од се поголемиот број регистрирани случаи и преполнување на болниците, како и поради искуствата и спроведувањето контрола од претходно пропишаните превентивни мерки.

-Со измените се уредува најпрво начинот на лекување на пациентите во смисла на институциите каде што се лекуваат, што сега е уредено со уредба со законска сила што важи до 31 декември и има потреба да се продолжи и понатаму, со оглед на тоа што е очгигледно дека пандемијата не стивнува, како и зголемување на ингеренциите на инспекторатите во однос на контролата на спроведувањето на новите мерки, рече Филипче.

Рече дека власта и опозицијата на Комисијата за здравство постигнале консензус за амандманите и истите ги усогласиле.

– Тоа што амандмански се интервенираше сега е дел од законот, се однесува на задолжителното носење на лична заштита опрема на лицето, во смисла на маска, шал, марама… при излегување надвор од својот дом, задолжително при движење на јавни места, површини на отворен простро, пазари, јавен превоз, како и места каде што може да се соберат повеќе лица во исто време, во државни институции, маркети, банки…, појасни Филипче.

Министерот рече дека носењето маска на отворено ќе има исклучоци при спортување на отворен простор, при возење во приватно патничко возило, ако возачот е сам или со лице со кое живее во заедница, при престојување во двор во семејна куќа со лица од истата семејна заедница, или во угостителски објект каде се применуваат специфичните протоколи за заштита, а се користи друг тип на заштитна опрема специфична за определеното работно место, ако лицето е помало од шест години и ако лицето има специфична здравствена состојба, лице со посебни потреби или пречки во развој на кое што носењето на ваква заштита би било проблематично или контраиндицирано.

-Уште нешто што е веќе уредено со Уредба, е задолжителна самоизолација при тестирање за коронавирусот. По закажувањето на тестот или самото тестирање до добивањето на резултатот секако дека самоизолацијата продолжува ако е резултатот позитивен и забраната за групирање на јавен простор, како и јавни површини во одредени периоди од деноноќието, истакна министерот.

На крајот од своето обраќање апелираше дека ситуацијата е сложена, има огромен раст на случаите, а болничките капацитети забрзано се полнат.

-Ние имаме план за престројување и на кадарот и на капацитетите. Искрено верувам дека овие мерки и мерки коишто практично се воведуваат насекаде во Европа ќе дадат резултат, заклучи Филипче.

За Законот, што се носи по скратена постапка и чии измени се поврзани со мерките за справување со коронавирусот, пратениците од владејачкото мнозинство поднесоа пет амандмани, а амандмани имаа и Алијанса на Албанците и Алтернатива. Дел од амандманите беа прифатени од предлагачот. Првиот амандман е поврзан со мерките на Владата за носење маска на отворено, групирање на отворен простор и задолжителна самоизолација во период на тестирање. Се предвидува ова да бидат времени мерки. Министерот за здравство го прифати амандманот и тој ќе биде составен дел од Законот.

Би можело да ве интересира

Собранието го донесе Законот за медиуми и други закони

Горан Наумовски

МЗШВ: Собранието го донесе новиот закон за вино, лозарите добиваат гарантирана откупна цена на винското грозје

Нов парламентарен состав до 28 мај

Катерина Ѓуровски

Последната седница на овој парламентарен состав ќе се одржи до крајот на месецов

Не е донесен Законот за игри на среќа, постапката заврши

Катерина Ѓуровски

СДСМ предлага отворање медицински факултет во Битола, ВМРО-ДПМНЕ смета дека нема услови