„Операција ослободување“ е терминот за движењето кое обедини повеќе од 20 граѓански асоцијации кои се eдногласни во шест барања околу најавената декриминализација на канабисот.
Тие бараат итна декриминализација на поседување и лична употреба, на одгледување на растението за лична употреба, бараат да се овозможи основање и работење на социјалните клубови, да се зголеми бројот на здравствени состојби за кои може да се користи канабис, во Агенцијата за канабис да има независно тело составено од нивни претставници и да се предвиди во Законот за контрола на опојни дроги формирање на Фонд од давачките на оние кои произведуваат или тргуваат со канабис да биде наменет за маргинализирани лица и за лекување на оние на кои им е најпотребно.
Тие тврдат дека сите овие барања се условени едно од друго и мора да се усвојат во пакет, во спротивно најаваната декриминализација нема да функционира и ќе биде популизам и само изолиран бенефит за поединци.
Образложение за сите барања со многу аргументи во дебатата за А1 он, дадоа Огнен Узуновски од ЗНАМ (Зелена национална агенда на Македонија), Филип Достовски од Зелена алтернатива и Хајди Штерјова Симоновиќ, директорка на ХОПС.
Движењето „Операција ослободување“ е формирано по изјавата на премиерот Зоран Заев дека ќе биде отворена јавна дебата за декриминализација на канабисот, а на Здруженијата потписници на овие барања се приклучи и Здружението на производители „Макканабис“.
„Со нашите барања ќе се овозможи повеќекратен бенефит за граѓаните и за целото опшетство. Канабисот ќе се тргне од црниот пазар, ќе има поголема контрола врз конзументите, а со оданочените пари од социјалните клубови и од производителите ќе се создаде Фонд за лекување. Се недеваме дека надлежните ќе разберат колку е важно да ги имплементираат нашите барања и да го слушнат гласот на екпертската јавност“, велат тие.